Вучиќ: За трајно решение на косовскиот проблем потребна е согласност на големите сили

Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорите со германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека „Србија е подготвена на компромис“ и тоа и го соопштил и на Меркел, но и „ да за тоа се потребни две страни“.

Како што им изјави на новинарите, тој порано верувал дека е полесно сами да разговараат Србите и Албанците.

– Но, за трајно решение потребна е и согласност на Германија, Франција, на ЕУ, САД, Турција и Русија, а за сето тоа треба да биде информирана и Кина, потенцираше Вучиќ.

Тој додаде дека е „подобро е да се обидеме да решиме нешто, бидејќи стабилноста нема цена, а со воен судир би се вратиле 100 години наназад.“

Тој изјави дека Меркел инсистирала по секоја цена да се сочува мирот и да се избегнуваат провокации и инциденти.

Како што изјави, тој со Меркел разговарал за Заедницата на српски општини, за инцидентот со Марко Ѓуриќ и за потребата од постигнување компромисно решение за Косово. Една од темите била и учеството на Србија на Самитот на ЕУ во Софија, за што германската канцеларка порачала дека е многу важно Србија да учествува на самитот.

– Тој Самит без Србија би значел голем проблем и на Меркел и кажав дека се надевам дека ќе дојдам. Замислите да дојдат сите земји од ЕУ, од целиот Западен Балкан, и од Приштина, а ние да не дојдеме, изјави Вучиќ, додавјќи дека „Србија секако дека ќе биде преставена на Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Софија“.

На пресс конференцијата во Берлин пред средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со српскиот претседател Александар Вучиќ, Меркел порача дека средбата ќе придонесе да се изнајде решение за прашањето за Косово, без разлика колку и да е тоа тешко, додека Вучиќ најави дека во иднината ќе се носат болни и тешки решенија доколку Србија сака да биде дел од ЕУ.