Вучиќ до опозицијата: И пет милиони да сте, ништо не ви исполнувам


Претседателот на Србија и на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ изјави дека нема да исполни ниту едно барање на опозицијата, колку и да излегуваат на улица и колку и да траат овие протести.

– Шетајте колку и да сакате, јас никогаш нема да ви исполнам какво било  барање. Може и пет милиони да се соберете….Јас нема да работам под притисок и затоа се разликувам од сите други, рече Вучиќ на собирот на жените членки на СНС во Белград, на кој беше и премиерката Ана Брнабиќ.

Тој, за опозицијата, која минатата ноќ организираше протестно шетање во Белград под мотото „Стоп на крвавите кошули”, во знак на протест поради тепањето на еден од лидерите на Сојузот на Србија Борко Стефановиќ и притисоците во Собранието, рече дека тие можат да шетаат колку што сакаат, само никому да не им ги кршат главите и да не уништуваат имотот.

Вучиќ рече дека на митингот не видел многу млади луѓе и оцени дека најзастапен бил средниот слој и горниот среден слој и дека треба да се истражи зошто тие се незадоволни. Тој рече дека од протестот не е испратена никаква сериозна порака „освен Вучиќ пе*ер, што не значи ништо”.

– Ако сакате избори тогаш- добро, но јас да попуштам на вашите глупости не ми паѓа на ум, дури и кога шетавте четири месеци секој ден, рече Вучиќ.

Прашан од новинарите дали има какви било проценки за тоа што може Приштина освен таксите  да преземе  против Србија, Вучиќ рече дека во прашање се три работи што Косово би можело да се обиде да преземе и дека не е познато што е полошо за Србија.

– Но, не мислам дека една од овие работи е добра за него (Рамуш Харадинај) на долг рок, тој е човек кој гледа на работите на краток рок, како и некои од нашите политички противници. Тие ги гледаат работите на краток рок, рече Вучиќ.

Според него, Косово му задава најмногу грижа, страв и вознемиреност, бидејќи, како што кажа, тој гледа дека „лудоста” на Приштина станала безгранична и дека никој од меѓународната заедница не го спречува ова лудило.