Вработени во МВР сведочат во „Тенк“, Урко не дојде на рочиштето

Во Кривичниот суд на денешното рочиште за „Тенк“ исказ даваат осуммина сведоци вработени во Министерството за внатрешни работи. Во Судот иако беше најавен не дојде да сведочи Дејан Митревски – Урко, кој беше еден период шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски.

Одбраната на Груевски не беше информирана зошто Урко не се појави во Судот, поради што судијката Добрила Кацарска побара да го повикаат во текот на денот затоа што во спротивно може да биде отповикан како сведок.

Досега сведочеа четворица сведоци предложени од одбраната, кои посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна, бидејќи старото возило често останувало во дефект и не било безбедно за превоз на „вип“ личности.

Прв пред Судот денеска сведочи Виктор Белевски, вработен во МВР од 2002 до 2006 година. Тој бил шеф на обезбедувањето на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Белевски рече дека меѓу возилата кои ги имале за вип личности имало еден мерцедес од 1998 година, кој цело време имал дефекти. Додаде дека имал вербална расправија со министерката Јанкулоска, бидејќи барал возилото да се повлече, а таа инсистирала да се користи бидејќи немало друго.

Сведокот рече дека не успвале да излезат во пресрет на потребите за безбедност на странските делегации, бидејќи возилата долго време биле на поправка.

Обезбедувањето, како што додаде Белевски, барало да се повлечат старите и да се набават нови возила.

Тој пред Судот раскажа една ситуација во 2011 година кога со министерката Јанкулоска биле на средба со граѓани во Јегуновце, каде се случил вооружен судир меѓу криминална банда и полицајци и тие се нашле во средина на огнот. Бидејќи немал блиндирано возило ја сместиле во еден објект, кој според него бил безбеден и наредил да се обезбеди блиндирано возила за да ја извлечат министерката од куќата.

Белевски рече дека за „мерцедесот“ не може да се каже кои вип личности го користеле, а за странските делегации гледал во медиуми, бидејќи не располагал со него.

Вториот сведок Сашо Минковски, исто така вработен во МВР, бил обезбедување на претседател на РМ, а и како возач на ескорт возило. Во 2010 година кога возел ескорт возило увидел дека возилата не ги задоволуваат условите за безбедност и барале до началниците да се набават нови возила. Новиот „мерцедес“, како што рече, го користел само за надвор од Скопје.

Во својот исказ пред Судот сведокот Раде Колев, вработен во МВР од 1995 година, а од 2007 во Одделението за обезбедување на премиерот рече дека не биле во можност сто отсто да ја гарантираат безбедноста на вип личноста, бидејќи многу пати премиерот го возеле и со возило кое не е блиндирано, бидејќи блиндираното многу често се расипувало.

И неговиот колега Саше Спасовски, вработен во МВР од 2007 во обезбедувањето на претседателот на Владата како и претходните свдоци укажа на потребата од нови возила.

Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Пред две рочишта Судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради „ризична бременост“.

На минатото рочиште повеќе од пет часа исказ даваа 11 сведоци на одбраната. Тие посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна, бидејќи старото возило често останувало во дефект и не било безбедно за превоз на „вип“ личности.