Во Њујорк почна 73-та годишна сесија на Генералното собрание на ОН

САД – Во седиштето на ОН во Њујорк почна 73-та годишна сесија на Генералното собрание на Светската организација.

Почетокот на новиот работен циклус го објави претседателката на сесијата – поранешната премиерка на Еквадор Марија Фернанда Еспиноса, четврта жена на оваа функција во изминатите 73 години и првата латиноамериканка што ја зазема.

Во воведниот говор Еспиноса рече дека ќе го посвети своето претседателство на сите жени и ќе работи на воспоставување родова еднаквост и му се заблагодари на нејзиниот претходник Мирослав Лајчак.

Еспиноса истакна дека годинава 193 земји во организацијата ќе разгледаат околу 330 резолуции и оти се планирани 100 пленарни сесии.

– Освен тоа, оваа година треба да земеме 34 мандати за разни теми од глобален интерес и да организираме 18 самити, рече таа.

Еспиноса објави дека по консултации со претставниците на Обединетите нации и земјите-членки, издвоила седум приоритети во својата работа – родова еднаквост, склучување на нови договори за миграција и бегалци, создавање достојни работни места за младите, жените и лицата со инвалидитет, заштитата на животната средина и поактивна работа на реформите на ОН.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази убеденост дека Еспиноса ќе биде достоен претседател на Генералното собрание благодарение на нејзиното дипломатско искуство и познавањето на спецификите на Светската организација како резултат на нејзината работа како постојан претставник во Женева.