Стејт Департмент: Неказнивоста останува голем проблем во Македонија

Стејт департментот го објави извештајот за човековите права во кој за Република Македонија е нотирано дека најзначајни прашања се поврзани за извештаи за тортура од затворските чувари, мешање во приватноста, насилство врз новинари, недостиг на судска независност, корупција и насилство против лица од ЛГБТИ заедницата.

– Владата презеде неколку чекори за истрага, гонење и казнување на службениците кои извршиле злоупотреби, меѓу кои и полициски службеници виновни за употреба на прекумерна сила, но поседуавње имунитет продолжува да биде широко распространет проблем. Од 15 април до 15 септември, Специјалното обвинителство, кое ги истражува наводите за корупција во периодот од 2008 до 2015 година, поднесе 18 обвиненија против 120 обвинети и отвори седум истраги против 25 осомничени. Исто така, започна и 142 прелиминарни истраги за очигледно криминално однесување кое се однесува или произлегува од содржината на незаконски пресретнати комуникации, наведува Стејт департментот.

Во Извештајот се нагласува дека на 31 мај минатата година Парламентот избрал нова Влада предводена од СДСМ со што се ставил крај на неколкумесечниот процес на формирањето на Владата.

– На 27 април 2017 година, откако мнозинството во Парламентот го избра Талат Џафери за претседател, демонстрантите го нападнаа Собранието што резултираше со повреди на седум негови членови. Медиумите објавија дека припадници на Министерството за внатрешни работи им помагале на демонстрантите и не ја исполниле својата должност да ги штитат членовите на Парламентот. Министерството ги казни полицајците кои не ги исполниле своите должности, вклучително отпуштање осум полицајци, се вели во извештајот.

Во најновиот извештај на Стејт департментот се нотира дека како одговор на изборот на новиот претседател на парламентот на 27-ми април, околу 200 демонстранти провалија преку полициски кордон, влегоа во зградата на парламентот и ги нападнаа новинарите и членовите на Парламентот. Истрагата на Министерството за внатрешни работи за настаните од 27 април заклучи дека некои вработени ја узурпирале својата службена положба и не успеале соодветно да ги заштитат членовите на парламентот и новинарите. Како резултат на истрагата, 180 полицајци беа испрашувани, осум беа отпуштени, 43 беа суспендирани, а 70 дисциплински постапки се во тек.