Во Скопје ќе се одржи првиот салон на занаетчиско пиво

Домашна пивска сцена? Да. Toa се оние луѓе кои произведуваат пиво во домашни услови, во кујна, гаража, креативни – секој на свој начин, со многу љубов и почит кон овој древен, корисен и здрав пијалак неправедно деградиран од општеството, што си го бара своето место под сонцето.

Вака порталот sakampivo.mk го најавува првиот Пивски салон што ќе се одржи на 3 март во Скопје. Предвидено е учество на 12 производители од Скопје, Велес, Куманово и Битола, а ќе има и еден гостин од Грција.

– Изложени ќе бидат нашите занаетчиски (крафт) пива, но во строго ограничени количини. Овие пива не можете да ги најдете во продажба зашто се во мали количества. Секој од нас ги произведува за себе и за своите пријатели. Некои се 100 отсто од локални состојки и се вид мал експеримент, односно потврда дека и од тоа што го има тука, на ова поднебје може да се создаде добро пиво – вели Марјан Костадиновски, еден од организаторите на настанот.

Според Костадиновски, кој е сопственик на порталот sakampivo.mk и производител на занаетчиско пиво од 2010 година, иднината на пиварството е во мини-пиварниците.

– Крафт пивата се конечно доказ дека пивото повеќе не е едноличен и здодевен пијалак, само за освежување во летните месеци, туку пијалак кој има карактер, вкус арома, направен со многу љубов и страст. Може да се споредува со врвните вина во смисла на уживање, комбинирање со соодветна храна и, секако, слобода во креирање на дизајнот и етикетите, амбалажата и пакувањето, истакнува Костадиновски.

„Време е да пробаш вистинско домашно занаетчиско пиво, бидејќи тоа го заслужуваш“ и „Да правиме пиво наместо војни, да градиме мостови наместо ѕидови“, се логоата на првиот Пивски салон.

За содржинско збогатување на настанот се предвидени закуски од традиционална храна, продажба на рачно дизајнирани маици со пивски апликации од модната дизајнерка Мелани Дигит, изложба на креации со пивски тапи од модната дизајнерка за облека и накит Александра Велјановска, како и изложба на првата рачно изработена дрвена кригла.

Пивскиот салон е поддржан од конвивиумот „Слоу фуд Водно“, огранок од мрежата „Слоу Фуд Македонија“, како и од фејсбук групата „Домашно пиварство Македонија“.

Македонските производители на пиво во домашни услови во ноември 2017 година организираа собир во Битола. На овој прв мини пиво-фест, како што го нарекоа, беа претставени 10 вида пиво.