Во рамките на „Златна лира“: Музика на гитари од Бах преку Пјацола до Принц

Реномираниот квартет гитари од Минеаполис, САД вечерва во 20 часот ќе одржат, концерт во Музеј на град Скопје во рамките на фестивалот „Златна лира“.
Ќе свират дела од Астор Пјацола, Ј. С. Бах, Хиероми Уехара, Алберто Хинастера, Иан Краус, а составот ќе исполни и две македонски песни – традиционалната „Јовано, Јованке“ и композицијата „Македонско девојче“ од Јонче Христовски, двете во аранжман на Маја Радованлија.
Со своите длабоко експресивни изведби кои се одликуваат со топла музичка интимност, но и блескава бравура, „Квартетот гитари Минеаполис“ jа восхитува публиката низ САД, Европа и Азија. Од Бах преку Пјацола до Принц, еклектичниот репертоар на составот го краси виртуозност и извонредна синхронизација што е резултат на повеќедецениска класична музичка наобразба и камерното музичко искуство на неговите членови. Четворицата музичари – Џозеф Хагедорн, Маја Радованлија, Бен Канкел и Вејд Оден градат интимен однос со својата публика особено преку нивниот сценски ангажман и хумор.

„Повеќе од квартет гитари, повеќе од извонредни музичари, и повеќе од една камерна група. Тие се амбасадори на звукот, стилот и суштината, вели за нив композиторот и изведувач Даниел Бернард Румен.
Квартетот својот репертоар го извел на бројни концертни подиуми низ САД и Мексико, а неговите скорешни и идни турнеји, покрај концертот на фестивалот „Златна лира“ вклучуваат настапи во Кина, Србија, Црна Гора, Германија и Бугарија.
Составот има остварено уметнички резиденции на универзитетите УКЛА и ПРИНСТОН, како и на „Омни фаундејшн Дајнамајт Гитар“ во Сан Франциско, Центарот за уметност во Чонкинг Гутаи, Гранд театарот Тијанџин. Меѓу позначајните концертни настапи на квартетот се вбројуваат оние со Симфонијата на Остин, Камерниот оркестар на Сент Пол, Оркестарот Минесота. За своите носачи на звук издадени за реномираните издавачки куќи „Албани“, ГСП, „Иннова“, квартетот се здобива со извонредни позитивни оцени од светската критика.