Во пораст бројот на заболени од дијабетес, регистрирани 120 илјади пациенти

Бројот на заболени од дијабетес во Република Македонија е во пораст. Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија. Според податоците, во 2015 година преваленцата на дијабетесот изнесувала пет проценти, а во 2017 година – шест проценти. На еден дијагностициран постои еден кој не е дијагностициран и не знае дека ја има болеста, истакна директорката на Универзитетската Клиника за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска на одбележувањето на 14 Ноември, Светски ден на дијабетесот.

Посочи дека секојдневно се соочени не само со пациенти со дијабетес, туку и со голем број комликации (на срцето и големите крвни садови, бубрезите, оштетување на видот) кои ги носи болеста.

– Наша основна стратешка определба е да помогнеме што порано да може да се детектира дијабетесот за навреме да почнеме со адекватна и навремена терапија, а со тоа и да ги намалиме компликациите кои болеста ги носи. На ниво на примарното здравство се спроведува и систематски скрининг на лицата кои се во ризични категории (возраста, дебелината и недоволната физичка активност) да развијат дијабетес. Матичниот лекар треба да укаже категоријата која е во ризик задолжително да направи скрининг тест за откривање дијабетес, потенцира Јовановска Мишевска.

Додаде дека 75 проценти од здравствените фондови се трошат за компликациите од дијабетесот и очекуваат дека со промовирање здрав начин на исхрана, со намалување на факторите за ризик кои доведуваат до развој на дијабетесот ќе успееме и да ги намалиме компликациите.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев ја истакна нивната целосна посветеност во обезбедувањето квалитетна инсулинска терапија за лекување на болните од дијабетес. Во тек е тендерската постапка за обезбедување на годишните количини на инсулинска терапија за болните и воведување три нови типови инсулин од најнова генерација меѓу кои еден е за деца до 14 години, а тоа е Тресибата.

– Во Македонија 500 деца на возраст до 14 години се заболени од дијабетес. Следен чекор е обезбедувањето сензорни мерачи на шеќер во крвта што ќе помогне во контролата на гликемијата кај децата и кај бремените жени кои го имаат гестацискиот дијабетес. Министерството за здравство од оваа година го укина паралелниот увоз на инсулинот со што ќе обезбедиме квалитетен инсулин, бидејќи имавме одредени сомнежи и во квалитетот и транспортот на инсулинот до веледрогериите околу обезбедувањето на ладниот ланец, додаде Милошев.

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров истакна дека ќе има инсулини со проверени сертификати од оргинаторните компании.

– Од јануари ќе почне испораката на новите глукометри (апарати за мерење шеќер во крвта) и новите ленти за нив. Дијабетичарите ќе можат да бидат сигурни во точноста на резултатите од мерењето со тие апарати. Се проширува листата на инсулини. Инсулинската криза заврши летоска и оттогаш нема недостиг. Со новиот тендер за набавка на инсулин, кој е при крај, добивме ветување од Министерството за здравство дека дистрибутерите ќе бидат обврзани покрај тековните месечни количини што треба да бидат дистрибуирани, во секое време да има еден месец резерва на сите видови инсулин, додаде Киров.