Во Москва уапсени неколкумина директори на Баринг Восток, меѓу нив двајца странци

Основачот на инвестициската компанија „Баринг Восток”, Американецот Мајкл Калви, беше уапсен во Москва. Освен Калви кој беше уапсен вчера, денеска се уапсени се и партнерите во „Баринг Восток“ Ваан Абгарјан и Французот Филип Депал. Во рамки на случајот уапсен е и Иван Зузин, директор на инвестиции во „Баринг Восток Капитал Партнерс“, независна компанија за приватен капитал, како и Алексеј Кордичев и Максим Владимиров. Фондот е еден од најголемите и најстарите фондови за приватен капитал во Русија.

Сите притворени се осомничени за проневера на 2,5 милијарди рубљи (37,5 милиони долари).

Основниот суд веќе му изрече мерка едномесечен притвор на Депал, а за останатите ќе одлучува во текот на денот.

„Баринг Восток” и сите нејзини компании, вклучувајќи ја и банката „Восточни Експрес“ продолжуваат нормално да функционираат“ се наведува во денешното соопштение од инвестицискиот фонд.

Случајот се заснова на наводите на член на одборот на директори на „Востонични експрес”, објавија руските медиуми.

Баринг Восток се опишува себеси како една од најголемите инвестициски фирми во поранешниот Советски Сојуз, со 3,7 милијарди долари инвестициски капитал.