Во Мексико пронајдени гробници со 69 тела

Властите на западната мексиканска држава Колима објавија дека во тајни гробници се пронајдени тела од 50 лица, една недела откако беа пронајдени 19 тела во тој регион.

Од обвинителството велат дека телата биле пронајдени на парцела што се граничи со областа каде што биле откриени првите гробови минатата недела. Телата на 69 лица беа пронајдени во 49 гробници, а нивната идентификација е во тек, објави АП.

Според властите, некои тела биле погребани најмалку пет години пред да бидат откриени. Во 2017 година во Колима е забележана највисока стапка на убиства во Мексико, кога имало 113 убиства на 100.000 жители, според податоците од мексиканскиот Институт за статистика.