Во Македонија не се увезени еко кашичките што ги повлекува маркетот „ДМ“
Германскиот синџир продавници „Дрогери Маркт“ (ДМ) донесе одлука превентивно да ги повлече од пазарот еко-кашичките од јагода, малина и јаболка со нето-тежина 190 грама, наменети за деца постари од четири месеци, чиј рок на траење е до 5 јули 2019 година. Како што информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА, досега нема нотификација дека во Македонија е извршен увоз на овие производи.
Според АХВ, производството, увозот и ставањето во промет храна за доенчиња и мали деца во Македонија подлежи на посебен режим на одобрување.
– Инспекторите за храна на граничните премини го контролираат и увозот на оваа категорија производи. Покрај при увозот, и во прометот инспекциските служби на Агенцијата вршат контрола на безбедноста на оваа категорија производи и во рамки на Мониторинг програмата за безбедност на храната. Со досегашните резултати од контролите не се потврдени отстапувања на оваа категорија производи. Согласно Законот за безбедност на храна, обврска на операторите со храна е во рамки на сопствените HACCP планови да вршат задолжителни лабораториски испитувања на производите со кои ќе ја потврдат безбедноста. Резултатите од ваквите испитувања се контролираат од страна на инспекторите за храна, наведува АХВ и додава дека ќе ја следи состојбата со повлекувањето на кашичките во Германија и доколку има потреба соодветно ќе реагира.
Во соопштението на „ДМ“ објавено вчера, се наведува дека при контрола на еден од производите е утврдено присуство на остатоци од средство за миење што содржи хлор. Одлучено е производот да се повлече од продажба бидејќи не може да се исклучи претпоставката дека и во останатите стаклени тегличи има зголемено ниво на хлор.
– Остатоците на хлор во производите се последица на користењето хлорна вода при обработка на намирниците, односно при дезинфекција на апаратите за обработка на намирниците. Зголеменото внесување на хлор во еден ден може кај луѓето да ја ограничи способноста за внесување на кислород во крвта, како и да предизвика пречки при процесот на ширење на јодот во организмот, информира „ДМ“.
Од купувачите кои ги набавиле кашичките со наведениот датум се бара да престанат да ги користат и да го вратат производот во која било продавница на ДМ, за што ќе им бидат вратени пари во висина на целиот износ на неговата редовната цена.