Во кампот „против“ нема кој да земе пари за кампања

Додека од владата и вчера пристигнуваа пораки да се излезе на претстојниот референдум и да се поддржи договорот со Грција за името, опозицијата и натаму тактизира. Според најавите, четврточната седница на извршниот комитет помина во расправа за тековни теми врзани со економско-политичката состојба во земјата, додека најжешкото прашање е оставено за следните недели. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека конечниот став ќе биде донесен до 10 септември, односно до почетокот на кампањата и тогаш ќе биде познато дали ќе одат на бојкот или ќе гласаат „за“ или „против“ спогодбата од Мала Преспа.
Во меѓувреме, интензивно продолжуваат подготовките околу плебисцитот. Премиерот Зоран Заев вчера се сретна со членовите на Државната изборна комисија. Притоа, тој порача дека референдумот е обврска од важен државен карактер, сите институции се должни да соработуваат со ДИК, а Владата стои на располагање, на принципиелно ниво, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на Комисијата и тоа ќе биде направено.
Верувам дека секој ја знае својата професионална и човечка одговорност за овој важен процес. Должни сме сите професионално да си ја завршиме задачата“, потенцира првиот човек на Владата. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, посочи дека работат професионално, штедливо и домаќински, како и дека ќе продолжат во таа насока, за достоинствено да одговорат на законските обврски пред граѓаните.
Како што информира владината прес-служба, на средбата е заеднички нагласена важноста од професионално и транспарентно работење на Државната изборна комисија пред и на денот на претстојниот референдум, со цел доверба на сите граѓани и политички субјекти во процесот. Се разговарало и за медиумската кампања поврзана со референдумот, за потребата од почитување на законските одредби поврзани со кампањата, како и за финансиските средства што му се потребни на Собранието за нејзино спроведување.
Во Владата ги собираат информациите од министерствата и другите органи на државната управа во врска со средства што би можеле да ги издвојат, односно пренаменат за кампањата за референдумот. Пресметките за средствата за потребите на референдумот ќе се направат во најбрз можен рок и потоа ќе бидат доставени и разгледани на владина седница, најверојатно в понеделник или в среда, затоа што традиционалниот ден за седници – вторник, отпаѓа поради муслиманскиот празник Курбан-бајрам.
На „Илинденска“ не знаат како би се однесувале доколку до нив дојде „непристоен предлог“ да биде финансирана кампањата и на противниците на договорот за името. Во Велика Британија, на пример, за ланскиот референдум за напуштање на Европската Унија, популарниот Брегзит, било предвидено сите политички субјекти што се дел од парламентот да добијат пари без оглед дали биле „за“ или “против“. Така, владата добила 10 милиони фунти, Конзервативната партија – седум милиони, лабуристите – пет и пол милиони, антиевропската УКИП – четири милиони, а либералдемократите – три милиони фунти.
На седницата во вторник донесовме одлука дека кампања за референдумот ќе има и им дадовме инструкции на државните институции да ни кажат колку пари од сопствениот буџет можат да ги пренаменат за таа цел. Потоа ќе се планира како да се потрошат. Прво тоа да го завршиме, па ќе видиме за другите работи, вклучително и тоа дали кампусот ‘против’ би имал право да добие пари за нивната кампања“, велат од Владата.
Од прашањето беа затекнати и во ДИК, од каде што ни одговорија дека не е нивна работа како ќе се делат парите од буџетот за кампања, туку само професионално да го спроведат референдумот. Експертите што ги консултиравме ни објаснија дека единствено Собранието, како законски предлагач на референдумот, може да одлучи дали и кому ќе му бидат доделени средства за кампањата.
Во моментов, кај нас и не постои кампус што се изјасни против договорот со Грција. Да, имаме блок што ќе бојкотира, но тие се главно граѓани и здруженија, па и партии што се надвор од Собранието. Внатре во Собранието, единствено коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува договорот за името, но тие сè уште не се изјасниле дали ќе излезат на референдумот и со каков став. Хипотетички, доколку одлучат активно да учествуваат и притоа се одлучат да гласаат ‘против’, тогаш веројатно ќе побараат средства за кампањата. Има премногу ‘ако’ за да се одговори дали би добиле позитивен одговор, но, пак да речеме хипотетички, веројатно би имало договор меѓу партиите за да им бидат дадени пари. Од друга страна, кампања може да води секој, без оглед дали е поединец, партија, организација, друштво… што ќе си плати од свој џеб“, велат извори од Собранието за „Независен весник“.
Од Владата ветија целосна транспарентност околу потрошените пари за референдумот, за кој ОДИХР препорача набљудувачка мисија која треба да ги ја следи регуларноста. Засега, се знае само дека кампањата ќе биде информативна, со главна цел јавноста да биде точно запознаена со вистинските информации за договорот со Грција и за придобивките од членството во ЕУ и во НАТО.
Горан Адамовски