Во Кавадарци ќе се прави колоноскопија и гастроскопија

Во кавадаречката Општа болница денеска беше отворена нова амбуланта за дигестивна ендоскопија, во која ќе се вршат гастроскопија и колоноскопија или снимање на горен и долн дигестивен тракт. Беше промовиран и новиот апарат за колоноскопија.

– Народно кажано, тоа е снимање со камера внатре во желудникот и во дебелото црево. За прв пат овие методи се употребуваат во болницата и за прв пат ваква амбуланта која ќе работи во склоп на интерно одделение. Ова е регионална болница во која се лечат жители од Кавадарци, Неготино, Росоман, Демир Капија и Градско. Од отварањето на оваа амбуланта има двоен бенефит. Првиот бенефот е за болницата, ќе и се зголеми акредитацијата, бидејќи колоноскопијата е единствена во регионот, на други места околу нас не се врши тоа испитување. Вториот бенефит ќе биде за пациентите кои досега за еден таков тип на снимање мораа да одат во Скопје. Со тоа им заштедуваме и време и пари – рече директорот Диме Коцев.

Целата инвестиција во апаратот заедно со инструментите за гастроскопија и колоноскопија е донација од „Дрекслмаер“.

Коцев изрази благодарност до групацијата и надеж за понатамошна соработка.

Доктор Стојанче Рамов кој беше на едногодишна едукација за овој тип на методи на Клиниката за гастроенетрохепатологија во Скопје, нагласи дека сево ова е благодарение на заложбите за унапредување на болницата и создавање на регионален центар, со цел подигање на здравствената заштита во Кавадарци.

– Во текот на оваа година направени се околу 400 интервенции на горен дигестивен тракт и препратени во Скопје, а дел од животите беа и спасени. Долен дигестивен тракт почнавме да работиме овој месец и откриени се веќе првите случаи на заболување и препратени во главниот град – информираше Рамов.

Станува збор за подмолно заболување, кое навидум почнува банално со едно ректално крварење и на кое не му се дава значење, а за жал може да има фатален крај.

– Овој карцином на дебело црево е на прилично високо место по стапка на смртност. Апелирам до сите во регонот да направат скрининг, според светските препорки секој човек на 55 години треба да направи испитување на дебело црево. Ваква ендоскопска сала нема во некои други општи болници од поголеми градови во поширокиот регион. По Скопје, ние сме центар за испитување на дебелото црево со ендоскопија – нагласи Рамов.