„Во ЕУ ЗА“ уште сами на терен

На својот профил на Фејсбук, премиерот Зоран Заев откри дел од кампањата на власта за поддршка на референдумот и договорот за името со Грција. Под мотото „Во ЕУ ЗА“ од граѓаните се бара на 30 септември да го заокружат одговорот што ќе ја внесе Македонија во ЕУ и во НАТО.
Македонскиот јазик ќе биде официјален во Унија од 500 милиони жители. Со зачленувањето во ЕУ, сите официјални комуникации меѓу Република Македонија и земјите членки од Европската Унија ќе се водат и ќе се преведуваат и на македонски јазик, како официјален и признаен на територијата на која живеат половина една милијарда жители“, пишува претседателот на Владата.
Веќе денеска наутро неговиот тим ќе соопшти со колку пари ќе ја поддржат владината кампања за референдумот. Имено, на седницата на Владата, која беше одложена вчера поради празникот Курбан-бајрам, министрите ќе достават информации за средствата што ги одвоиле од својот буџет, пред сè од репрезентации, ручеци и слично, за да помогнат во агитацијата до граѓаните за излезеност на референдумското изјаснување. Засега единствено Министерството за одбрана соопшти дека ќе даде 60 милиони денари (околу еден милион евра), додека другите државни институции сè уште тактизираат. Како и да е, планирањето на кампањата е во тек, информациите се собираат и денеска ќе се дефинираат деталите од концептот. Познато е дека кампањата ќе биде информативна со цел на граѓаните да им се објасни договорот со Грција и придобивките што би ги добиле со членство во НАТО, а потоа и во ЕУ, како и планираните чекори што ќе нè одведат дотаму. Од тој аспект, се очекува и да се менуваат пораки слични како онаа на Заев за македонскиот јазик.
Но, и натаму е непознато дали владата ќе има политички противник во референдумската трка. Во ВМРО-ДПМНЕ нема ништо ново. Неделава не се закажани седници на повисоките органи, а официјалниот став е дека раководството собира информации од терен и се консултира со граѓаните, чии домови се посетуваат во рамките на работното лето. Според најавите, тактизирањето ќе трае до почетокот на септември, за кога е закажан почетокот на кампањата. Во меѓувреме, сè погласно се слушаат внатрепартиски шпекулации, кои најавуваат оти партијата, всушност, нема да рече ниту „да“, ниту „против“, ниту „бојкотирам“, односно ќе ги повика гласачите сами да одлучат дали ќе ги посетат избирачките места на 30 септември и како би гласале. Единствено јасно кај опозицијата е дека договорот со Грција воопшто не им се допаѓа и го сметаат за калкулантски.
Затоа, пак, не губи време кампот „Бојкотирам“, кој нема партиски предзнак, туку се прикажува како граѓански. Тие се постојано активни на социјалните мрежи со катадневни укажувања зошто треба да се бојкотира референдумот. Главен аргумент вчера им беше веста на официјалната страница на Јутјуб на американската армија, каде што ја посочуваат одличната соработка и заедничките вежби со „северномакедонските војници“ на Криволак. Истата информација ја сподели и пратеникот Антонио Милошоски, кој, исто така, се залага за бојкот на референдумот. Се смета дека тој е „соло-играч“ и не е координиран со водството на партијата, со кого е во заладени односи по повлекувањето на Никола Груевски од лидерското место.
Додека јавноста се занимава кој сè смее да користи пари од буџетот за водење кампања, забуна внесоа и пренесените изјави на Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија, која е дел од политичкиот блок од 28 вонсобраниски партии, здруженија и граѓански организации што се залагаат за „бојкот“, кој изјави дека е отворена сметка во странство на која досега се собрани 4.000 долари за кампањата на т.н. кризен штаб на здруженијата од дијаспората.
Не, реков дека нашинците во светот отвориле електронска сметка каде што преку интернет собираат пари. Имаат собрано четири илјади долари. Со тие пари ќе може да се помогне кампањата што ќе ја водиме за бојкот на референдумот. Нема воопшто да бидеме во допир со тие средства, туку на нашинците ќе им доставиме фактури за печатење летоци или нешто слично. Законот вели дека не се дозволени донации од странски влади и странски јавни институции, но нашите иселеници се и наши македонски гласачи, а според регулативата, кампања може да води секој што ќе обезбеди средства да го плати тоа“, ни изјави Бачев.
Според информациите од Државната изборна комисија, вчера до 12 часот, за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство се пријавиле 1.725 граѓани. Најголем број пријави има за гласање во Берн (170), во Љубљана (137), во Лондон (103), во Торонто (98) и во Канбера (71), додека најмал број пријави се поднесени за гласање во Киев, Подгорица и во Приштина (по една пријава) и по две во Њу Делхи, Каиро и во Доха.
Гласањето во странство ќе се спроведе на 29 септември во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Македонија во кои се прифатени најмалку 10 пријави за гласање.
Паралелно со пријавувањето на иселениците за гласање на референдумот до 23 на полноќ, тече и рокот за јавен увид во Избирачкиот список. До вчера увид во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК извршиле вкупно 3.996 граѓани.
Горан Адамовски