Во Елбасан убиени три лица во автомобил во движење

Во албанскиот град Елбасан, во вооружен напад врз возило во движење убиени се три лица, меѓу нив еден странец.

Инцидентот се случил синоќа во 21:15 часот, кога три лица со „калашникови“ пукале во возилото,со италијански регистарски таблички, во кое се наоѓале жртвите. Се верува дека се било организирано бидејќи убијците го следеле возилото во кое биле убиените.

На самото место е убиен државјанин на Турција, кој во Албанија пристигнал во петокот. Другите две лица починале на пат кон градската болница. Тие се Ендрит Алибеај (34) и Арбен Дилѓери (25), кои живееле во странство, а во родниот Елбасан биле дојдени за новогодишните празници.

Според медиумите, станува збор за конфликт меѓу криминални групи кои се занимавале со шверц на дрога. Преку соопштение настанот го потврди и полицијата.

Во него уште се наведува дека големи полициски сили на кои им се приклучиле и припадниците на специјалната единица „Ренеа“,се распоредени во поширок периметар во делот од градот каде што се случил инцидентот. Се вршат контроли,како и други активности со цел пронаоѓање на сторителите и расветлување на случајот.