Во Драч запленети 1,5 милиони евра

Во најголемото албанско пристаниште, Драч, запленети се 1,5 милиони евра откриени во автомобил при влез во Албанија.

– Во автомобил марка „Тојота јарис“, без регистарски таблички, откриени се и одземени 1,5 милиони евра, сите во апоени од по 100 евра. Автомобилот пристигна на пристаништето со траектот што сообраќа на релација Анкона – Драч, потврдуваат одговорните во пристаништето.

Возилото, според истиот извор, тргнало од Белгија, а постојат осовани сомненија дека парите се стекнати од криминални активности. Истрaгата треба да го открие изворот на парите и нивната дестинација.

Инаку, во четвртокот лидерот на опозициските демократи Љуљзим Баша, упати тешки обвинувања до пратеникот од редовите на социјалистите Таолант Бала, дека пред три дена бил во Германија, купил авотмобил „Тојота јарис“ натоварена со 1,5 милиони евра од дрога.

Возвраќајќи му, Бала негираше дека бил во Германија а ги спомна имињата на Мими Кодели, Љуљзим Баша и Сали Бериша, како албански политичари кои во последните дваесет дена биле во Германија.