Во Грција почнуваат парламентарните процедури за ратификација на Договорот од Преспа

Грција – Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, попладнево ќе го разгледа нацрт законот за ратификација и стапување во сила на Договорот од Преспа.

Претседателот на парламентот, Никос Вуцис, претходно ќе одржи состанок со потпретседателите за да се одреди парламентарната процедура, односно колку состаноци ќе одржи комисијата и кога ќе биде закажана пленарната седница.

Нацрт законот во саботата беше доставен до грчкиот Парламент, а се очекува да се изгласа до петок.

Нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција, што е под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“, содржи три члена.

Првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на покревање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.

Нацрт законот, со датум од 18 јануари 2019 година, е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.