Во ВМРО-ДПМНЕ и гласови „за“ договорот со Грција

Теми врзани со тековната економско-политичка состојба беа предмет на расправа на вчерашната седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето околу референдумот не беше отворено ниту на оваа седница. Извори од врвот на партијата признаваат дека за претстојното изјаснување околу договорот за името со Грција, всушност, не било расправано ниту еднаш досега во високите партиски тела. Во моментов, под изговор дека консултациите околу одлуката за (не)учество на референдумот на 30 септември се одвиваат на повеќе нивоа во рамките на „Лето за Македонија“, се купува време до почетокот на идниот месец, за кога е најавено соопштување на конечниот став.
Нашите соговорници тврдат дека во моментов во партијата има три струи, кои имаат различно мислење кога е во прашање плебисцитот, поради што не е лесно да се донесе компромисно решение. Притисокот од меѓународната заедница и сестринските европски народни партии го тера водството да размислува да повика на гласање „против“ договорот со Грција, со што би се обезбедил потребниот цензус за референдумот да успее. Таа струја, наводно, е најмногубројна и се врти околу претседателот Христијан Мицкоски. Странските партнери уверуваат дека не можеш да се биде проевропски и прозападно ориентиран, членството во НАТО и во ЕУ да се стави врвен приоритет, десетина години да се повикува на референдум, да се колнеш во демократија, а кога ќе дојде денот „Д“, да се затскриеш зад бојкот. Во ВМРО-ДПМНЕ активна е и дипломатијата, со која на Брисел и на Вашингтон се обидуваат да им објаснат колку е штетен преспанскиот договор за македонскиот народ, не само поради промената на името, туку и поради низа други точки од спогодбата. Сепак, притисокот однадвор е огромен и прашање е како најголемата опозициска партија може да се ослободи од него.
Доколку се прашува членството, најголем дел од нив веднаш би го отфрлиле излегувањето на референдум и би останале дома на 30 септември. Во недостиг на официјална одлука, полека излегуваат гласови од белиот дворец кои се согласуваат со бојкот. Ако јавно изнесениот став на пратеникот Антонио Милошоски за бојкот на референдумот се сметаше за изолиран случај поради неговото неслагање со новото раководство на партијата, ако останаа непотврдени информациите дека цели општински комитети ќе го бојкотираат референдумот, па макар централата инсистира на друго, тогаш како да се протолкува колумната на Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој преку порталот „Курир“ на властите им порачува дека единствен начин да не им се случи бојкот на референдумот е да ја отповикаат одлуката за негово распишување?
Како капак на сè, сте запнале од петни жили да ги убедувате граѓаните да излезат да гласаат на референдумот за сопствено самоукинување. Бесрамно ги лажете дека веднаш по референдумот, ако е успешен, од Табановце ќе почне да тече мед, а од Богородица ќе тече млеко. Но, по којзнае кој пат, ја потценувате интелигенцијата на македонскиот народ. Единствен начин за да не ви се случи бојкот на референдумот, нешто од кое толку многу се плашите, е да ја отповикате одлуката за неговото распишување. Имате уште време за тоа, а си имате и мнозинство во парламентот. Резервна варијанта што ви стои на располагање е на први октомври да се самораспушти Собранието и да се распишат предвремени парламентари избори. И за тоа имате мнозинство. Па, понудете му го на народот сè ова што го правите во форма на изборна програма. Така е чесно. Гласањето на народот на тие предвремени парламентарни избори нека биде референдум и ако добиете поддршка за таквата програма, спроведувајте ја“, пишува Димовски.
Заеднички за едните и за другите е што се апсолутно против договореното во Мала Преспа, па затоа изненадувачки е што помалку срамежливо во белиот дворец излегуваат и барања за поддржување на референдумското прашање. Предводници на таа струја се реформаторите, кои по големите несогласувања со претходната власт на Никола Груевски, сепак, најдоа заеднички јазик со новото раководство. Со доаѓањето на Мицкоски, меѓу другото, Костадин Богданов беше назначен за член на ИК, а Петар Богоески е заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Богданов преку колумна во „Независен весник“ јавно ги повика граѓаните да преземат одговорност и да не се откажат од личното право за самоодлучување за иднината и судбината на државата.
Со новиот статут на ВМРО-ДПМНЕ е предвидено дека тој ќе биде прекршен ако некој партиски функционер во медиумите излезе со став различен од договорениот, поради што се очекуваат напрегнати интерни преговори до моментот додека не се заземе конечен став. Според нашите информации, не се исклучува можноста воопшто да не биде донесена одлука „за“, „против“ или бојкот на референдумот, туку на граѓаните да им биде оставено да гласаат по сопствено убедување.
Горан Адамовски