Во Виена протести против новата австриска влада

Протести против новата австриска влада, составена од Народна партија (ОВП) и Слободарската партија (ФПО), која денеска полага заклетва пред претседателот Александер ван дер Белен, ја парализираа Виена.

Во различни делови од центарот на Виена пријавени се девет демонстрации, а на крајот демонстрантите треба да се соединат на плоштадот Хелденплац, во близина на седиштето на владата и претседателот на Австрија.

На протести повикаа Здружението на студентите, Здружението на учениците како и левичарски организации.

Демонстрантите извикуваа пароли против ФПО во новата влада и предупредуваат дека со тоа се „враќа фашизмот“ во Австрија. Дел од нив изјавија дека ако треба против владата ќе се борат и на улица, со штрајкови се додека истата не биде соборена.

Полицијата поради протестите воведе забрана за доближување до владините згради во центарот на Виена. Зоната е обезбедувана од 1.500 полицајци, а за лицето кое ќе се обиде да влезе во зоната предвидена е казна од 360 евра или до две недели затвор.