Во Велес на турнир се гаѓаа подвижни мети – диви свињи

Во организација на Стрелачкиот клуб „Велес“, а со поддршка на општина Велес, денеска на стрелиштето на клубот се одржа Прв турнир во гаѓање подвижна мета – дива свиња. На натпреварите во две дисциплини, механички и оптички нишан учествуваа педесетина натпреварувачи од стрелачките клубови од Скопје, Кавадарци, Штип, Прилеп, Неготино…

Првото место во дисциплината оптички нишан го освои Христијан Цветковски со 28 поени или 28 круга, втор е Иле Андовски, а трет Вељо Арсовски. Во дисциплината механички нишан прв е Јане Костов, втор Горан Стојковиќ и трет Дарко Миладиновиќ.

Првопласираниот Јане Костов од Неготино, ловџија кој се натпреваруваше поединечно изјави дека турнирот поминал одлично и додаде оти е многу важен за сите натпреварувачи од стрелачките клубови. Според него, тој е добар тренинг и подготовка за други натпревари и меѓусебно дружење и разменување на искуства од оваа област.

Јован Андовски, претседател на СК „Велес“, како организатор на турнирот, за МИА изјави дека изминатите десет години напорно работеле и секогаш се труделе да внесат новини во овој спорт во Велес и земјава.

– Со овој турнир ние сакавме да се приближиме до Европа и затоа организиравме ваков турнир во гаѓање на подвижна мета, кој е прв ваков во Македонија. Со ова сакавме и им докажавме на колегите од Европа дека и во овој спорт ние од Македонија можеме и сме подготвени да спортуваме со нив. Ваков турнир во гаѓање на подвижна мета досега немало во Македонија, а пред тоа немаше и во поранешна Југославија и затоа овој турнир за нас како организатори беше голем предизвик. Сепак, со една добра екипа успеавме сето замисленото да го реализираме, појасни Андовски.

Тој изрази голема благодарност до општина Велес, Министерството за одбрана и гарнизонит на АРМ во Велес, МВР, ловџиите и спортските стрелачки клубови, како и бизнис заедницата од Велес која им помогнале во организирање на турнирот.

Јoрдан Тасевски, селектор на Македонската спортска стрелачка федерација и член на државната репрезентација во стрелаштво оцени дека овој нов турнир поминал одлично.

– Имаше голем интерес и од спортските стрелци од клубовите во земјава и од ловното стрелаштво. Секој ваков турнир е многу значаен за популаризирање на стрелаштвото и масовноста кон овој спорт. Овој турнир е и уште еден чекор напред за овој спорт-стрелаштвото да биде вратен на пиедесталот на спортови во Македонија како што било порано, потенцира селекторот Тасевски.

Организаторот најави овој турнир да прерасне во традиционален со уште повеќе учесници од земјава и странство.