Во бомбите одекна и гласот на сегашниот претседател на ДИК

Сегашниот претседател на Државната изборна комисија Оливер Дерковски добивал инструкции од Миле Јанакиески два дена рпед изборите во 2011 година.
Ова се слушна од бомбите кои денеска одекнуваат во Кривичниот суд за случајот „Титаник“ на СЈО.
„Планот е на гласањето до 9 часот да се извадат нашите, до 10 пријателите и роднините, до 12 часот сите вработени“, му вели Јанакиески на Дерковски, а тој му кажува „добро, во ред“.
Тогашниот директор на Македонска железница, Дерковски, добивал инструкции од Јанакиески за ангажирање на членовите на партијата за лепење плакати и тоа на партијата СДПМ, која како кандидат предложуваше двојници на СДСМ, како Рада Шеќерова.
Во денешните бомби се слушнаа и разговори во кои Јанакиевски на полициски командир во Радовиш му дава насоки за комуникација со граѓаните од врата до врата. Тој во еден од разговорите со соговорник вели дека во 4 ИЕ ВМРО-ДПМНЕ мора да освои 12 пратеници и дека мора 50 партиски приврзаници да одат од врата на врата кај граѓаните.
Во една од „бомбите“ се слуша како Јанакиески му кажува на градоначалникот на Валандово да му забрани на некој професор по физичко воспитување до изборите да оди на работа.
-Не можел да оди од врата до врата. Имал работа. Да му се јавиш до избори да не оди на работа. Валандово да не го гледа, вели Јанакиески.
Во овој предмет обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.