Во Албанија се раѓаат повеќе машки деца поради селективни абортуси


Во студијата објавена од страна на Советот на Европа стои дека селективниот абортус базиран на полот на детето е широко практикуван во Албанија и како последица на тоа се зголемува разликата во соодносот на новородените момчињата и девојчиња.

Последните статистики потврдуваат дека во оваа земја на 100 женски се раѓаат 112 машки бебиња.

Светскиот стандард е 105 машки на 100 родени женски деца, а студијата докажува дека оваа рамнотежа во Албанија е разнишана токму поради зголемувањето на случаите на селективен абортус.

Желбата да се има барем едно машко потомство во семејството е главната причина за намерните абортуси кај албанските жени.

Советот на Европа предупредува дека селективниот избор на абортус врз основа на полот на детето, феномен кој вообичаено преовладува во азиските земји, денес стана популарен во Европа, особено во Албанија, Ерменија, Азербејџан и Грузија.