Војската ја презеде власта во Зимбабве, Мугабе и жена му се во притвор (ВИДЕО)

Армијата на Зимбабве денеска соопшти дека претседателот Роберт Мугабе и неговата сопруга Грејс се во притвор и дека војската ги обезбедува владините канцеларии и патролира по улиците на главниот град, по ноќта со немири при што војската ја презеде и државната телевизија. Акцијата предизвика шпекулации за државен удар, но поддржувачите на војската ја пофалија како “корекција без крв”.

Зимбабвејците формираа долги редици во банките за да си ги извадат парите, рутинска грижа во тековната финансиска криза во земјата.
Во обраќањето до нацијата по преземањето на контролата врз државната телевизија на Зимбабве, портпаролот на армијата изутринава соопшти дека војската ги напаѓа „криминалците“ околу Мугабе и се обиде да ја увери земјата дека редот ќе биде вратен.

Не е јасно каде се Мугабе (93) и неговата сопруга, но се чини дека тие се во воен притвор.

„Нивната безбедност е загарантирана. Сакаме јасно да кажеме дека ова не е воено преземање на власта“, се вели во изјавата на армијата.

За првпат во оваа јужноафриканска земја има отворен судир меѓу војската и Мугабе, најстариот шеф на држава во светот, кој владее од независноста од владеењето на белата малцинство во 1980. Војската е клучен столб на неговата моќ.