Вонредни избори не се опција по референдумот

Вонредни парламентарни избори не се опција по завршување на референдумот, велат владини извори.
Соговорници на „Независен весник“ ја отфрлаат засега можноста за избори, која во политички кругови се спомнува како едно од сценаријата за обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измени. Тие сценарија, пак, почнаа да се вртат како резултат на „ФБ-кампањата“ во која се вклучија барем половина од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, изјаснувајќи се преку социјалните мрежи дека нема да гласаат за уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција.
Покрај предвремени избори, се споменуваат и варијанти за концентрациска влада, како и сомневања дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за нови политички пазарења и условувања во периодот кога од нејзините пратеници ќе зависи уставната ревизија, како што пред распишувањето на референдумот го испорачаа барањето за амнестија за прислушувањето. Од друга страна, пак, има очекувања дека дел од пратениците од опозициската коалиција ќе дадат поддршка за уставните измени и ќе ја почитуваат гласачката волја на референдумот, независно од ставот што ќе го заземе раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а со оглед на поделеноста што и сега владее во партијата. Пред околу два месеца, кога се распишуваше референдумот, поддршка за одлуката за негово одржување дадоа 72 пратеници, така што проценките се дека, по референдумот, мнозинството ќе треба да обезбеди дополнителни осум до десет гласа во Собранието за донесување на амандманите на Уставот.
Роковите за спроведување на договорот за името, како што посочуваат наши соговорници, газат, со оглед на тоа што напролет треба да се одржат редовни избори и во Македонија (претседателски во април) и во Грција (избори за Европскиот парламент во мај). Во меѓувреме, договорот за името треба да биде ратификуван во парламентот во Атина, а откако Собранието во Скопје ќе ја заокружи целата постапка за донесување на уставните измени. Тоа е сложена процедура за чие спроведување се потребни најмалку три до четири месеци. Според тоа, јасно е дека по референдумот, што се очекува да заврши со потврда на договорот од Преспа и со јасно изразена волја за членство во НАТО и во ЕУ, Македонија не може да си дозволи „луксуз“ каков што би биле предвремени избори за пратеници, за што би се изгубиле барем два-три драгоцени месеци. Освен тоа, како што се посочува, предвремени избори не можат да бидат гаранција дека потоа распоредот на силите во законодавниот дом ќе значи чисто квалификувано мнозинство за донесување на уставните измени.
Димитриос Пападимоулис, потпретседател и пратеник во Европскиот парламент од редовите на Сириза, излезе деновиве со проценка дека по успешен референдум во нашата земја и изгласани уставни промени, Грција во март ќе го ратификува договорот за името. Пападимоулис верува дека и левичарските и десничарските партии ќе дадат поддршка за имплементација на договорот.
Своевидно навестување дека избори не се опција дојде вчера и од вицепремиерката Радмила Шекеринска, која изјави дека нема поголеми избори и појасно изјаснување од претстојниот референдум.
„Таа порака граѓаните ќе ни ја упатат на 30 септември и затоа нашиот повик до сите е да го искористат тоа право и да го кажат својот став“, одговори министерката за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање дали предвремените парламентарни избори се опција „Б“ по изјаснувањето на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласаат за уставните измени.
Ние сме фокусирани на референдумот, нагласи Шекеринска, поради тоа што секој ден гледаме дополнителни аргументи зошто Македонија треба час поскоро да стане членка на НАТО и на ЕУ.
„Политичките партии и поединци кои ќе застанат на патот на јасно изразената граѓанска волја ризикуваат да бидат видени како политичари кои само се пазарат за лични интереси и за амнестија“, нагласи Шекеринска.
На прашањето дали до македонската Влада преку нон-пејпер се пристигнати уставни измени изработени од грчката страна, Шекеринска истакна дека овој период сме бомбардирани со лаги, а целта е, рече, повторно да не се фокусираме на потребите на граѓаните, туку на потребите на ВМРО-ДПМНЕ.
Коментирајќи за тоа дали е потребна нова лидерска средба или политички дијалог по референдумот, Шекеринска рече дека Македонија мора да стане нормална држава во која власта и опозицијата секогаш треба да дискутираат. Но, додаде таа, не верувам дека на Македонија ѝ треба уште една рунда преговори околу амнестија за криминалот и корупцијата.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку дена, почнаа еден по еден да објавуваат статуси на Фејсбук дека нема да гласаат за уставни измени, откако неколку часа претходно партискиот лидер Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија ќе ги почитува резултатите од граѓанското изјаснување ако референдумот е успешен. Во разговор за Би-би-си на српски јазик, пак, што е објавен вчера, Мицкоски на прашање околу поддршката за уставните измени, вели дека треба да се почека да заврши референдумот.
Во дипломатски кругови има очекувања дека претседателот Ѓорге Иванов, и покрај сите опструкции во изминатите месеци, ќе изигра конструктивно доколку на 30 септември има јасно изразена граѓанска волја за прифаќање на договорот со Грција.
Проценките се дека ако се надмине критичната бројка од околу 600 илјади гласачи што ќе заокружат „да“, Иванов ќе го потпише Законот за ратификација на договорот, за да може тој да биде објавен во „Службен весник“ и врз основа на тоа да почне процедурата за уставни измени.

Александра М. Митевска