Вонредна седница на косовското Собрание за „да се спречи Тачи“ да тргува со територии

Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти денеска информира дека вонредната собраниска седница, на барање на опозицијата, за усвојување на резолуција, со кој ќе му забрани на претседателот Хашим Тачи и на кој било друг да преговара за територијалниот интегритет на Косово, ќе се одржи на 4. септември.

Хоти на Фејсбук објави дека денеска на седница на пратеничката група на ЛДК се расправало за содржината на резолуцијата која ќе се најде на вонредна собраниска седница, три дена пред закажаното продолжување на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија (на 7. септември), што во Брисел ќе го водат Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ.

– Ја поздравуваме поддршката што на резолуцијата ја дадоа и другите пратенички групи. Очекувам сите пратеници во Собранието на Косово да ја поддржат оваа резолуција. Треба да ги оставиме настрана нашите разлики и да се обединиме за да го спречиме Тачи да се пазари со територијата на Косово, напиша Хоти.

Тачи продолжува секојдневно да ја промовира неговата идеја за „корекција на границите“ со Србија, што би подразбирало припојување на Прешевската Долина кон Косово, додека Вучиќ и неговите соработници продолжуваат да се залагаат за „разграничување со Косово“, односно припојување на северно Косово кон Србија.

Двајцата претседатели нивните идеи за промена на границите односно за размена на територии, како што на тоа гледаат повеќето други косовски и српски, но и меѓународни фактори, ги промовираа и на Европскиот форум кој деновиве се одржува во австрискиот град Алпбах.