Водачот на протестите во Никарагва осуден на 216 години затвор

Медардо Маирена, водач на минатогодишните протести на земјоделците во Никарагва против претседателот Даниел Ортега е осуден на 216 години затвор. Тој во декември минатата година беше обвинет за тероризам, убиство и организиран криминал. Сите обвиненија ги негираше.

Во минатогодишните протести против Ортега, загинаа повеќе од 320 лица откако приврзаниците на Владата и полицијата отворија оган кон насобраниот народ.

Во текот на изминатиот викенд, владата и деловни групи се сретнаа во настојување повторно да почнат преговори со цел да се стави крај на кризата која сериозно и наштети на економијата на таа централноамериканска земја.

Деловните групи бараат ослободување на повеќе од 600 лица, за кои сметаат дека се политички затвореници.

И покрај изречената пресуда за Маирена, Уставот на Никарагва предвидува дека ниту еден граѓанин на таа земја не може да мине повеќе од 30 години во затвор.

Судијата која ја изрече казната смета дека Маирена е одговорен за смртта на петмина полицајци кои настрадале за време на протестите и за киднапирање на други двајца.