Внимателно кога разладувате: Опасната бактерија легионела демне од клима-уредите

Доаѓаат летните денови кога животот во топлите градови станува незамислив без клима-уреди, и дома и на работно место. Кога просторијата е поладна, мозокот работи подобро, се подобруваат когнитивните способности и не чувствуваме малаксаност.

Сепак, доколку температурата ја снижиме толку што разликата меѓу внатрешната и надворешната температура е поголема од десет степени, и ако клима-уредите не се чистат редовно, од нив може да има повеќе штета отколку корист.

Последици од неправилно одржување

Во климите се собираат бактерии, прашина, габи, влакна, кои можат да доведат до низа болести. На списокот се инфекции на дишни патишта, силни главоболки, замор, па дури и бронхитис. Но најопасната бактерија што „демне“ од клима-уредите е онаа која предизвикува воспаление на белите дробови, таканаречената легионерска болест. Ја предизвикува инфекција со бактеријата Legionella pneumophilla, која може да доведе до тешко воспаление на белите дробови и може да биде и смртоносна. Се пренесува со вдишување на ситните капки од клима-уредот.

Симптомите на оваа опасна болест се опасно висока температура, над 40 степени, чувство на студ, сува или продуктивна кашлица, болка во градниот кош, главоболка, малаксаност и пролив. Се лекува со силни антибиотици.

Покрај легионелата, од клима-уредот можете да „закачите“ и коксаки вирус. Овој вирус е познат како причина за болест на валканите раце, а може да се насели во вашиот клима-уред. Симптомите на болеста се слични на обичната настинка, но со висока температура. Проблемот е што тешко се препознава, многу е отпорен и долго се задржува во организмот.

Последици од прениска температура

Ако климата лади прејако, кога ќе излезете надвор на топло, вашето тело ќе доживее шок. Опасноста се дуплира ако тоа им се случи на хронично болни, на деца или на постари лица. Поради разликата во температурата, се оптоварува кардиоваскуларниот систем, срцето работи забрзано, а дури и млади луѓе можат да почувствуваат болка во градите. Силното дување од климите им штети на луѓето што носат контактни леки. На оние со хронични болки во коските и во зглобовите, состојбата им се влошува доколку престојуваат во просторија со клима-уред. Дури и најздрав човек, кога долго време се наоѓа пред вклучена клима, може да заврши со силни болки во главата. Освен тоа, поради сувиот воздух, кожата ја губи влагата и почнува да чеша.

Деца

Доколку не можете без клима-уред, тогаш барем настојувајте своето дете да не го изложувате на брановите на ладен воздух, оти прво што може да добие е воспаление на уво. Исто така, ако имате многу мало дете, избегнувајте со него долго да шетате во климатизирани трговски центри бидејќи таму температурата секогаш е пониска од надворешната, а и не можете да знаете кога последен пат бил исчистен системот за разладување.

Со детето не влегувајте нагло во разладен стан, и не излегувајте нагло од ладна просторија на топло време. Ако планирате подолго да престојувате надвор, паметно е да ја изгасите климата барем 15 минути пред да излезете од станот.

Лошите влијанија можат да се избегнат

Овие проблеми може да се избегнат доколку имате предвид неколку работи при употреба на клима-уредот. А тоа се:

– Кога ќе ја пуштите климата, температурата во просторијата треба постепено да се намалува.

Клима-уредот никогаш не треба да биде во директен контакт со телото. Не заборавајте дека задачата на клима-уредот е да го излади просторот, а не вас. Не смее да се занемари чистотата на клима-уредот. Кога климата не се одржува соодветно, температурата и влажноста на просторот се помали или поголеми од посакуваното.

– Бидете внимателни кога ја користите климата во вашиот автомобил. Екстремните температури и влажноста може да ја нарушат концентрацијата и реакциите на возачите. Ова влијание е особено поизразено при метеж или долги патувања. Затоа внимателно употребувајте ја климата во вашиот автомобил.

– Чистете ги клима-уредите еднаш до двапати годишно, ако живеете во поголем град или во позагадена средина. Климата во автомобилот сервисирајте ја на секои две години.