Како да не се затруете со храна во лето

Високите температури во лето придонесуваат побрзо да се расипат намирниците, но и лошите животни навики, како што е нередовно миење раце, доведуваат до чести цревни инфекции кои се особено изразени во овој период од годината.

Храната во топлите летни денови бара посериозни мерки за чување. Кога станува збор за труење, тука нема правила – стомакот може да се расипе и со домашна храна, и со онаа од продавница за брза храна, од маркет или од ресторан. Причината се бактерии и некои вируси, како што е норовирус или хепатит А.

Симптоми

Причинители на труењето со храна се штетни микроорганизми, недоволна хигиена, несоодветните услови за чување на намирниците, како и недоволната термичка обработка на храната.

Типични симптоми се гадење, повраќање и дијареја, кои можат да предизвикаат дехидратација, која во најтешките случаи може да биде опасна по живот. На зараза укажуваат стомачни тегоби, мачнина, повраќање и појава на грозница.

Карактеристично е тоа што истите можат да се јават неколку часа по консумирање расипана храна, но и после неколку дена. Труењето со храна обично поминува со блага клиничка слика и главно не бара терапија, освен кај децата или кај повозрасните над 60 години, затоа што имаат поосетлив имунолошки систем. Доколку дојде до појава на крв во столицата, промена на бојата на урината, отежнато голтање, губење свест или температура над 38 Целзиусови степени, задолжително е да се побара лекарска помош.

На што да се внимава

Најчести бактерии што предизвикуваат труење се: салмонела, ешерихија коли, стафилокок и други. Основна превентива е да се води сметка околу консумирање лесно расипливи намирници, како што се млеко и млечни производи, јајца, мајонез, месо и преработки од месо бидејќи во нив често може да има бактерија салмонела. Доколку сте на море, обратете внимание и на морските плодови во кои исто така може да има бактерии. Сладоледи, салати и сендвичи спаѓаат во „храна со висок ризик“.

Исклучително важно е да се избегнува да се купи храна о оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Треба да се води сметка и месото, млекото и јајцата да не се чуваат долго време во автомобил.

Хигиената е важна

Зголемена хигиена како на рацете, така и на површините на кои се подготвува храната може да спречи цревни инфекции. Рацете треба да се мијат најмалку 20 секунди. Овошјето и зеленчукот да се измијат по 2-3 пати. Намирниците, особено оние лесно расипливите, задолжително да се чуваат во фрижидер. Храната да не се држи на собна температура подолго од еден час.

Во фрижидерите на најгорните полици треба да се чува зготвената храна, а суровата на подолните. Внимание треба да се посвети и на заштита на храната од инсекти и глодачи зашто тие може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни не треба да дојдат во контакт со храната што се подготвува.

Го исцрпува детскиот организам

Децата тешко поднесуваат труење со храна. Неколку часа откако изело храна што направила проблем, детето станува малаксано, се препотува, но нема зголемена температура. Кратко потоа почнува силно и упорно да повраќа. Брзо се јавуваат и обилни и течни столици. Сето тоа го исцрпува детскиот организам. Детето станува вознемирено, а потоа уморно и поспано. Причината за таквата состојба е што брзо губи течности. Во такво ситуации, неопходна му е здравствена нега.

Лекување

По труење со храна, лекарите препорачуваат полесно мени: супа или двопек во првите неколку денови, како и чај од камилица, шипка или црн чај. Кога малку ќе се смири желудникот, постепено треба да се враќа на вообичаената исхрана. Пожелно е некое време да се избегнува зачинета и мрсна храна, и подолго да се јаде ориз, бело месо и пире од компир.

Корисни совети

– Одржувајте го фрижидерот чист и сув.

– Не ја топлете храната повеќе пати.

– Откако ќе го одмрзнете месото, не го замрзнувајте повторно

– Измијте ги рацете пред јадење или пред подготовка на јадењето

– Прочитајте го рокот на траење

– Доколку храната има необичен вкус, не јадете ја

– Храна со сомнителна боја, мирис и вкус треба да се фрли

– Не пијте стоена вода или вода со мраз во кафулиња. Во вода и сокови додавајте по неколку капки од лимон.

– Џемови, слатко и млечни производи кои имаат видлива мувла не се добри за јадење.

– Месо, паштета, виршли и други месни производи секогаш чувајте ги во фрижидер.

– Измијте го овошјето или зеленчукот кои имаат кора.

– Користете една штица за сечење месо, друга за зеленчук.

Го исцрпува детскиот организам

Децата тешко поднесуваат труење со храна. Неколку часа откако изело храна што направила проблем, детето станува малаксано, се препотува, но нема зголемена температура. Кратко потоа почнува силно и упорно да повраќа. Брзо се јавуваат и обилни и течни столици. Сето тоа го исцрпува детскиот организам. Детето станува вознемирено, а потоа уморно и поспано. Причината за таквата состојба е што брзо губи течности. Во такво ситуации, неопходна му е здравствена нега.