ВМРО и СДСМ по свое, СЈО во аут

Ниту втората рунда од преговорите меѓу власта и опозицијата за иднината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не дадоа резултат. И владата и ВМРО-ДПМНЕ останаа на своите позиции, поради што судбината на Катица Јанева и на нејзиниот тим е крајно неизвесна. Премиерот Зоран Заев има можност по заобиколен пат, односно преку пронаоѓање на ново двотретинско мнозинство да му го продолжи животот на СЈО, но се чини дека сега нема ниту подлога, ниту расположение за такво нешто.

Денешната втора рунда заврши многу побргу отколку првата во среда што доволно зборува како течел состанокот. Министерката за правда, Рената Дескоска тврди дека опозицијата не ја интересирало ништо друго, освен амнестија за упадот во Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека не барале амнестија, туку исполнување на нивните три барања: СЈО да биде дел од Основното обвинителство, Јавниот обвинител да се бира на предлог на опозицијата и да се формира анкетна комисија за финансиската работа на СЈО.