ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи укинување на акцизата за дизелот од 3,5 денари

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи намалување, односно укинување на дополнителната акциза за дизелот од 3,5 денари која што од 1 јануари оваа година ја воведе Владата на Зоран Заев и министерот Тевдовски, најави Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Ѓорчев се работи за големо, огромно оптеретување и за граѓаните и за стопанството.

“Откако Заев и Тевдовски влегоа во Владата цената на дизелот се зголеми од 46 на 60 денари, односно зголемувањето е 30 проценти. Од тие причини државата најмалку што може да направи е да ја укине дополнителната давачка која што ќе ги удри граѓаните на Република Македонија по џебот со повеќе од 30 милиони евра и патен сообраќај и превозниците и камионџиите апсолутно без разлика и оранжериското производство, претпријатијата, транспортните компании, а после тоа таа цена тие зголемувања се рефлектираат и на останатите производи во Република Македонија кои што исто така одат надоле”, истакна Ѓорчев.

Тој упати апел и до парламентарното мнозинство.

“ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија апелира преку СДСМ, до парламентарното мнозинство, до Заев и Тевдовски да покажат сенс за потребите на граѓаните, за потребите на македонската економија, затоа што цената на дизелот апсолутно секојдневно оди нагоре. Се работи за големи зафаќања, се работи за оптеретувања кои што се евидентни и најмалку што може да се направи во овие тешки економски услови е да им се помогне и на домаќинствата и на граѓаните и на економијата. Би сакал само една паралела да направам а тоа е дека секој еден граѓанин на Македонија чие што возило вози на дизел пред една година, пред оваа влада одеше на бензинска пумпа и го полнеше резервоарот за 1.500 денари. Сега истото полнење на истиот резервоар со оваа влада, е околу 2.000 денари. Значи секој граѓанин, одењето на бензинска пумпа полнењето на резервоарот поради политиките штетни на Зоран Заев и Тевдовски, ги чини дополнителни 500 денари. Да не зборувам за камионџиите, кои што полнат и кои што трошат многу поголеми средства или пак автобуските превозници”, рече Владимир Ѓорчев.