ВМРО-ДПМНЕ ја претстави Силјановска во Брисел

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и кандидатот за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова денеска имаа средба во Брисел со европратеникот и известувач на Европскиот парламент за нашата земја, Едвард Кукан, како и со европратеничката Маријана Петир. На средбата, Мицкоски посочил дека во Македонија е загрозена правната држава и владеењето на правото и оти се соочуваме со широко распространета појава на корупција.

Политичкиот прогон и злоупотребата на апаратите на државата за пресметка со опозицијата станува основа на политичкото делување на власта. Од друга страна, имаме назадување со почитувањето на човековите права и отсуство на волја да се работи на воспоставување на трајни механизми за борба против криминалот. Додека сето ова се случува, имаме целосно назадување на економскиот стандард на граѓаните и широко распространето иселување од земјата што е последицата на штетните политики на владата“, изјавил Мицкоски.

Силјановска ја навела нејзината заложба за владеење на правото и силна правна држава која ќе мора да ги гарантира човековите права и слободи.

Претседателот на државата во таа смисла има важни овластувања кои треба да овозможат заштита на граѓаните и правна сигурност. Несомнено тоа е и важен предуслов за напредок кон европските интеграции што е и наша стратешка цел“, посочила Силјановска, а информираат од ВМРО-ДПМНЕ

Соговорниците истакнале дека мошне важен услов кој ќе покаже колку државата е сериозна во намерите кон исполнување на стратешките цели е и начинот на кој ќе помине изборниот период, каде суштински значајно е власта да обезбеди услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните.

Силјановска е гостинка на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, која учествува на Собранието на Европската народна партија.