ВМРО-ДПМНЕ се вклучи во реформите: полесно се усогласуваат со СДСМ отколку меѓу себе


Ден по нападите и критиките што си ги разменија за време на седницата за доверба на Владата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачките СДСМ и ДУИ вчера во парламентот донесоа со консензус неколку од законите од реформскиот пакет.

Речиси без дискусија и со по 86 и 87 гласа „за“, попладнето беа донесени три закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Во обезбедувањето на кворумот за законите за заштита на сведоци, за формирање на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите асистираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, на кои ова им е втор работен ден по прекинувањето на петмесечниот бојкот, а откако синоќа не успеа интерпелацијата против Владата.

Законот за заштита на сведоци, кој се носи на барање на специјалното јавно обвинителство, помина во рамки на продолжението на 22. седница, а законите за ОТА и за следење на комуникациите беа изгласани на новата 41. седница, чиј дневен ред беше експресно исцрпен.
Но работата запна на клучните закони од областа на судството и обвинителството, за кои имаше информации дека се усогласени во работните групи меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според неофицијални информации, за овие закони има неусогласеност меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, така што дел од нив се двоумеле дали да ги поддржат решенијата што беа договорени со владејачката партија.

Дека нешто не оди според планираното во однос на двотретинската поддршка за системските закони, се виде уште пред почетокот на пленарните седници, чиј почеток беше пролонгиран за неколку часа подоцна од закажаните термини. Потоа, откако беа донесени овие три закони, спикерот Талат Џафери рече дека дополнително ќе информира кога ќе продолжат 34. и 35. седница, на чиј дневен ред се законите за судови и за Судски совет, како и за Јавното обвинителство и кривичната постапка. Џафери рече дека има потреба од дополнително усогласување меѓу пратениците.

Законите од владиниот план 3-6-9, кои во најголем дел се однесуваат на правосудството и на безбедносниот систем, главно, произлегуваат од забелешките во извештајот на Рајнхард Прибе, поради што и меѓународниот фактор инсистираше опозицијата да се вклучи во нивното донесување. Тоа беше основната причина за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, иако како повод за тоа беше наведена интерпелацијата против Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопштувајќи ја одлуката на партиските тела за прекинување на собранискиот бојкот, рече дека СДСМ прифатил многу забелешки на опозицијата во работните групи во кои се усогласуваа законите. Планот беше сите овие закони да бидат донесени до крајот на оваа недела, односно пред објавувањето на извештајот на Европската комисија, на 17 овој месец. Сепак, по вчерашниот застој што настана околу четирите преостанати закони, прашање е дали седниците за нивно изгласување ќе бидат презакажани за денеска или евентуално за в сабота или, пак, ќе се чека до понеделник – 16 април. За тогаш е закажана и седница на матичната Комисија за политички систем, на чиј дневен ред се токму законите за судови и за Судски совет. (А.М.М.)