ВМРО-ДПМНЕ: Само Талибанците и ИСИС уриваа споменици

ВМРО-ДПМНЕ реагира на отстранувањето на споменикот на Ќосето, со констатација дека само Талибанците во Авганистан и радикалите на ИСИС во Сирија и во Ирак уриваа споменици.

„Истото што го правеа Талибанците и ИСИС во регионите зафатени од војна, го гледаме денес во Македонија, во срцето на Европа. СДСМ, кукавички во раните утрински часови, решија да го задоволуваат својот апетит за деструкција. СДСМ не може да поднесат да гледаат ништо што е изградено, создадено и што претставува паметник за македонската историја. Не им дава мир истовремено многу ги боли бидејќи тие самите се неспособни за ништо креативно“, изјави пратеникот Крсте Јовановски.

Според него, владејачката партија манифестираа длабока фрустрација и гнев кон Македонија и кон македонската историја и култура. СДСМ, вели, работи за рушење на македонскиот национален дух.

„СДСМ во тајност, далеку од очите на јавноста, во текот на ноќта го срушија споменикот на македонскиот револуционер Андон Јанев Лазов – Ќосето.Надвор од умот и од цивилизираното однесување, надвор од законот, вандалите испратија механизација за да отпочнат со уривање за да ја покријат неспособноста и неработењето овие девет месеци откако се на власт“, изјави Јовановски, најавувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, откако ќе се врати на власт, „ќе ги исправи сите штети кои ги предизвикува оваа вандалска власт“.