ВМРО-ДПМНЕ реагира: Алаѓозовски „штеди“ на Музејот на ВМРО

Националната годишна програма за култура за 2018 е скандалозна, безидејна и со бројни нерегуларности. Истата е одраз на непрофесионалноста и неспособноста на Министерство за култура под водство на Роберт Алаѓозовски, изјави денеска на прес – конференција Весела Честоева од ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, програмата е полна со скандалозни одлуки кои упатуваат на сомнежи за корупција, конфликт на интереси и злоупотреба на службената должност од страна на комисиите кои одлучуваа за проектите, но и раководни лица од Mинистерсвото за култура.

„Во музејската дејност и заштитатата на нематеријалното културно наследство, национални установи – музеи се понижени и омаловажени, а на нивна сметка се форсираат анонимни здруженија за кои јавноста ништо не слушнала и нема никакви информации. Националната установа Музеј на македонската борба за државност и самостојност е целосно деградирана и омаловажена. Музејот кој содржи богати и значајни поставки од историјата на македонскиот народ и неговата борба за државност и самостојност и организира близу 200 настани во годината од Алаѓозовски има добиено скромни 220.000 денари. На сметка на тоа, анонимното здружение кое, освен со култура, се занимава со спорт и екологија – Солеина од Тетово е поддржано со 600.000 денари за промотивен караван на Мал музеј на Зекирија Алији и евиденција на истите музејски експонати“, изјави Честоева.

Таа посочи и дека Здружението за развој на општеството и на животната средина Акта нон верба – Скопје е исто така поддржано со 600.000 денари за монографија за албанските католички семејства во Скопје, додека Музејот на македонската борба, како што рече, е посетен од стотици илјади посетители од над 80 земји од светот.
„Сепак, Алаѓозовски и министерството, очигледно, сметаат дека таква установа не треба да биде поддржана од државата. Скандалозноста и чудните критериуми ја отсликуваат и следните два примери. За афирмација и одржување на македонската култура на традиционалните обичаи на православна крштевка во Македонија Здружението Еднакви за сите – Кочани има добиено 450.000 денари, додека за афирмација и одржливост на албанската култура преку промоција на традиционалните обичаи на албански сунет во Македонија за Здружението Дрита АГБ – Гостивар се одвоени 500 илјади денари“, рече Честоева.

Таа праша дали дали претседателката на Комисијата за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, Мила Шурбановска, е носител и раководител на проектот археолошки истражувања на локалитетот Стакина чешма – Бакновка, проект на Националната установа Археолошки музеј Скопје, за чија реализација комисијата доделила 200.000 денари?

„Повеќе од очигледно е дека СДСМ, преку програмата на министерството за култура, награди голем дел од најгласните експонати на т.н.Шарена ревлуција и луѓе блиски до министерот и другите високи функционери во Владата. Со програмата, меѓу другото, се фаворизираат и невладини организации само за задоволување на коалициските апетити на СДСМ и ДУИ. Сето тоа ни дава за право да сметаме дека критериумите за одобрување проекти и распределба на средства се само политички и ништо друго“, оцени Честоева.