ВМРО-ДПМНЕ обвинува, Заев негира за РЕК Битола
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ втор ден по ред бара обвинителството да ги испита сомнежите за корупција во РЕК Битола. Од партијата се сомневаат дека во ископот на јаглен е вклучен братот на премиерот, Вице Заев. Тие го повикаа јавното обвинителство да провери колку пари, за која работа, низ каква процедура и во чие име, работа вршеле возилата на компанијата на братот на премиерот.
„Чиј е овој камион со струмички регистерски таблици? Дали тој е во сопственост на „Тотал инжинеринг“ каде управител и сопственик е Вице Заев? Што бара струмички камион да вози со налепници на компанија која е во деловни односи со РЕК Битола? Зошто на камион за кој имаме индиции дека е во сопственост на фирмата на Зоран Заев има хартиена налепница дека е на „СВ Инвест?“ – изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Заев реагираше на обвинувањата со оценка дека штетите од вакви прес-конференци се големи за неговата фамилија и затоа ќе реагира и преку суд. Што се однесува на механизацијата за ископ на јаглед, според Заев таа е продадена пред два месеци.
„Пред два месеци донесовме одлука да се продадат овие машини, зошто ако немаат право да се јават на тендер, тие фирми немаат право да работат и како подизведувач“ – изјави Заев.