ВМРО-ДПМНЕ на чело на ДИК. Се отвора пат за враќање во парламент


ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, ќе го преземе претседателското место во Државната изборна комисија, како што е договорено на средбата на новиот партиски лидер Христијан Мицкоски со премиерот Зоран Заев, вечерва во владата.
Тоа значи врачање на стариот концепт на состав на ДИК, кој функционираше до постигнувањето на договорот во Пржино, односно до парламентарните избори во 2016, а според кој изборната администрација е составена исклучиво од претставници на четирите најголеми партии, без вклученост на експерти, а нејзиниот претседател е од редовите на најбројната партија во опозиција.
Договорот меѓу двајцата лидери значи вовед во нови измени на изборната регулатива за што веќе преговараат работните групи на партиите. Мицкоски исто така напомена дека меѓупартиските групи ќе излезат со консензус за неколку прашања во наредните денови, со тоа што се прифатени повеќе предлози на опозицијата.
Со тоа, всупност, се отвора пат и за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот во скоро време, како што навести и Мицкоски во изјавата по средбата, која траеше околу два часа.
„Моментно, ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека од математички и политички причини не можеме да бидеме комплетно активни во Собранието. Имам чувство дека овие проблеми ќе бидат надминати и ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието“, рече Мицкоски.
Тој потврди дека со враќањето на стариот модел на ДИК владејачките партии ќе има мнозинство и во ова тело.
„Се согласивме дека е потребно ДИК да се формира по стариот модел. Претседател ќе биде од опозицијата, а мнозинството во корист на власта. Договоривме до крајот на септември да биде изготвен новиот изборен законик“, рече Мицкоски.

Тој информира дека на средбата разговарале и за преговорите за името со Грција, како и за Законот за употреба на јазиците.

„Од приложеното за преговорите за спорот за името можам да констатирам дека нема поместување од презентираното на лидерската средба. Јас го повторив ставот дека нема да поддржиме промена на Уставот, а за идентитетските прашања не треба да се разговара“, рече Мицкоски.

За Законот за употреба на јазиците претседателот на ВМРО-ДПМНЕ останал на ставот дека тој е неуставен и неприменлив.

Заев, пак, изјави по средбата дека има разбирање за причините поради кои опозицијата е надвор од парламентот, ама дека нема намера да врши влијание врз правосудните органи за притворите изречени за настаните на 27 април.Тој, напомена дека генерално е против изрекување притвор кога тоа не е неопходно, ама дека тоа е сепак одлука на судот.
Заев информира дека со измените во изборната регулатива ДИК ќе биде административен орган, во кој политичките партии, односно нивните претставници ќе ги преземат своите активности шест месеци пред избори. Но, како што рече, државата не може да функционира без ДИК, така што до донесувањето на новиот изборен законик, ќе се оди со решението кое значи враќање на стариот модел.