ВМРО-ДПМНЕ може и да ја преспие кампањата

На десетина дена пред официјалниот старт на референдумската кампања, раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема став ниту дали ќе учествува во неа ниту каков повик ќе упати до своите поддржувачи во врска со гласањето на 30 септември.
Пратеничката група на ВМРО-ДМПНЕ испратила известување до претседателот на Собранието Талат Џафери во кое посочува дека одлуките на Владата за пренамена на средства за финансирање кампањи е своеволна и не е од интерес на граѓаните.
– Без разлика на тоа каков би бил ставот кој се рекламира, цениме дека тие средства треба да бидат наменети за реализација на проекти од кои има реален интерес.Финансирање на своеволна кампања од власта со буџетски средства на граѓаните е погрешна одлука. Тие средства никој не им одобрил на пратениците од власта или нивните функционери да ги трошат за себерекламирање, се вели во известувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение, пак, што го испрати претходно до медиумите, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги донира средствата што им следуваат за кампања за референдумот.
Поради ваквите тактизирања и пролонгирања на одлуките, партиски извори сметаат дека не е исклучено врвот на ВМРО-ДПМНЕ да не излезе со конкретен став сè до последните денови пред одржувањето на референдумот. Иако беше најавено дека ставот околу референдумот ќе биде соопштен во деновите пред стартот на кампањата, во насока на тоа дека премислувањата може да продолжат се неофицијалните информации дека лидерот Христијан Мицкоски планирал да замине на „европска турнеја“ на почетокот на септември и дека неговите посети на неколку европски метрополи и средби со тамошни политичари би можеле да се оддолжат и по 10 септември. Наводно, веќе биле договорени средби и состаноци и се усогласувале деталите, но посетите биле одложени. Во ВМРО-ДПМНЕ вчера попладне официјална ни одговорија дека воопшто не била планирана таква турнеја.
Мицковски, пред извесно време, најави дека партијата нема да користи државни средства за кампања и оти тоа ќе го право со партиски средства. Наспроти тоа, од кабинетот на спикерот Џафери во понеделникот информираа дека пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата за Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници, или вкупно 71 пратеник, до него испратиле допис со кој го информираат дека нивните пратеници активно ќе учествуваат во јавната кампања за референдумот и дека се изјаснуваат „за“ референдумското прашање. Собранието формираше координативно тело за подготовка и спроведување на јавната кампања кое ќе го раководи спикерот Џафери.
Од СДСМ и вчера испратија порака до раководството на ВМРО-ДПМНЕ да го соопшти својот став околу претстојниот референдум. За владејачката партија значат ветар во грбот последните анкети на јавното мислење, вклучително со последната на ИРИ, која беше објавена вчера, а според кои расте поддршката за договорот со Грција и големи се шансите референдумот да биде успешен и според цензусот за излезеност од над 50 проценти и според мнозинството гласови „да“.
– Силната определба на граѓаните за европска Македонија е дополнителен мотив сите политички субјекти да покажат одговорност пред себе и пред граѓаните и да се вклучат во процесот што ја води нашата татковина во ЕУ и НАТО. Затоа сите политички партии треба да ја искористат оваа историска шанса, јасно и недвосмислено да ги повикаат граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември – велат од СДСМ.
Премиерот Зоран Заев е оптимист дека огромен процент од граѓаните ќе се изјаснат со „да“ на претстојниот референдум. Тој изрази и надеж оти опозицијата ќе биде позитивна заради тоа што, како што посочи, и таа е за ЕУ и за НАТО.
– Мојата амбиција не е да постигнам резултат каде што повеќе од граѓаните ќе бидат „за“. Тоа е веќе постигнато. Тоа е јасно во Македонија. Нема друга алтернатива освен полноправното членство во НАТО и ЕУ и градење пријателство со соседите. Но, нашето лице ќе биде цензусот, односно излезеноста на повеќе од 50 отсто од граѓаните од вкупниот број гласачи, а согласно последниот избирачки список тоа се најмалку 903.000 гласачи што треба да излезат на референдумот, за да имаме донесено одлука како што е пропишано – рече Заев.
Тој најави дека кампањата за референдумот ќе биде пријатна, едукативна и мобилизирачка, односно поразлична од онаа на политичките партии за избори. Рече дека медиумскиот простор ќе биде платен од парите што Владата ги префрли во парламентот, како покренувач на постапката за референдумот.
Според директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, на 30 септември граѓаните ќе направат избор што ќе ја оформи иднината на нашата земја и тој избор ќе има последици за идните генерации.
„Ве повикувам да го искористите вашето демократско право и да гласате на претстојниот референдум“, изјави Даниелсон вчера во Скопје на отворањето на серијата дијалози со граѓаните „Замисли иднина заедно“. Тој упати честитки до премиерот и до македонските институции за постигнување на договорот со Грција за решавање на прашањето со името што, според него, го отвора патот на земјава кон Европа. (А.М.М)