ВМРО-ДПМНЕ: Македонија на чело со СДСМ е пред економски колапс

Република Македонија на чело со СДСМ е пред економски колапс. Граѓаните живеат се потешко, а СДСМ им порачува на сиромашните дека повисоките акцизи секако немале да ги погодат бидејќи тие и онака не возеле. Економијата стагнира, правната држава е деградирана, институциите се злоупотребуваат, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Стопанството е во слободен пад. Моторот на македонската економија, градежништвото ги преживува најтешките денови.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – март 2018 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 775 469 илјади денари, што е за 61.1 % помалку во споредба со истиот период од претходната година. Во наведениот период, градежната оператива од Република Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 281 136 илјади денари, што е за 12.5 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Според опозицијата, во време кога цела Европа и регионот бележат стапки на раст, само Република Македонија тапка во место. На државата и се случува катастрофа во режија на економското цунами, Заев – Тевдовски – Анѓушев. Стандардот на граѓаните е се полош, а платите на граѓаните се далеку од ветените 500 евра. Ова што и се прави на Република Македонија е економски геноцид. Македонскиот граѓанин како и целата економија се во постојан грч и неизвесност.

Република Македонија со вакви политики оди во непосакуван правец. Единствена цел на картелот предводен од СДСМ е да да ја одржи ситуацијата на заробена и неперспективна држава со нефункционални институции.

ВМРО-ДПМНЕ ги поканува сите обесправени, сите оние разочарани и излажани од Зоран Заев и криминалниот картел кој го води, на голем антивладин собир на 02 јуни во 20 часот пред зградата на Владата на Република Македонија. Да тргнеме повикуваат во битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада која што и се случува на нашата татковина.