ВМРО-ДПМНЕ: Денешната судска пресуда за Заев не е правда, туку неправда

Заев од пред малку е по втор пат амнестиран политичар за очигледен криминал! Зоран Заев повторно избега од соочување со правдата и со одговорност за криминално однесување. Ослободителната судска пресуда за „Поткуп“ не изненади никого. Јавноста е свесна како работи судството под политички притисок на власта, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Беше сосема јасно дека судот нема да собере храброст да му изрече казна на главниот „реформатор“ во правосудството. Беше сосема јасно дека судот ќе подлегне на заканите од Зоран Заев дека би можел да си ги реализира најавите за генерален реизбор на судии, во кои тој како реформатор би носел одлука кој нема да биде реизбран. Бројни се заканите, но и наградите со кои власта ги мотивира или заплашува судиите да работат по нејзин терк. Денешната одлука на судот е потценување на севкупната македонска јавност дека не го видела тоа што го виде на снимките на кои Зоран Заев бара поткуп. Денешната одлука на судот е потценување на секој граѓанин кој го слушна сведочењето на оштетениот бизнисмен кој под заклетва тврдеше дека Зоран Заев во својство на градоначалник му барал поткуп за секој квадратен метар земјиште и тоа по едно евро за црквата, едно евро за партијата и едно евро за Вице“,стои во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ денешната судска пресуда не е правда.

„Со денешната пресуда на дело се потврди неказнивоста на власта. Пораката што денеска се испрати гласи: Законите не важат за СДСМ, нивните функционери слободно може да бараат поткуп и да тонат во корупција. Пораката што денес се испрати е дека судот е политичка алатка за пресметка на СДСМ со неистомислениците. Судството мора да се реформира и ќе се реформира кога криминалниот картел ќе си замине од власт“,се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.