ВМРО-ДПМНЕ: Владата да не молчи и да каже дали командант Хоџа е ангажиран како советник на Заев

Портпаролот на  ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вели дека веќе два дена молчи цела влада, за тоа дали човекот фотографиран како излегува од зградата на Владата на Република Македонија е Џезаир Шакири познат како Командант Хоџа.

-Владата треба да одговори дали е точно дека Џезаир Шаќири од јули 2001 година е на црната листа на Соединетите Американски Држави потпишана од тогашниот Претседателот Џорџ Буш, токму заради заканата што ја претставувал по безбедноста заради фундаментализам и екстремизам? Дали овој Шаќири се уште е на американската црна листа? Дали е точно дека ова лице што излегува од зградата на Владата било вмешано  во нападот и убиството на полициски службеник во трговскиот центар Чаирчанка во Скопје ? Дали е точно дека службите поседуваат бројни оперативни информации за негова вмешаност во нелегална трговија и шверц на оружје и дрога?, праша Стоилковски.

Стоилковски кажа дека Џезаир Шакири се пофали дека откако Заев победил, тој направил политички договор со него за да го ослободел Танушевци, а за возврат Заев да му дал некаква функција.

-Доколку барем дел од сите овие информации е точен, тогаш станува збор за огромен преседан и трагедија која што Република Македонија ја живее под водство на Зоран Заев. Информациите дека Џезаир Шакири влегува во Владата се загрижувачки. Тоа што владата два дена нема информација дали тој е ангажиран или не е доказ за срамните пазарења кои што се прават. Ако немаат проста информација за тоа кој работи во владата, тогаш какви информации имаат и можат да пласираат од министерството за транспарентност на оваа ненародна власт? Да не беше трагично, ќе беше смешно, вели Стоилковски.

Тој вели дека секој поминат ден со власта на СДСМ е срам за Македонија. Со секој поминат ден се прават се поголеми штети кои ќе биде тешко да се надоместат, затоа што побргу си заминат од власт, тоа подобро и за државата и за граѓаните.