ВМРО-ДПМНЕ: Велес го погоди еколошка бомба

ВМРО-ДПМНЕ ја обвини владата дека не презема ништо околу загадувањето на воздухот иако поминаа шест месеци откако е на власт. Според оваа партија, граѓаните на Велес синоќа се соочиле со еколошка бомба, бидејќи мерните станици во градот покажале опасно висока загаденост на воздухот со ПМ10 честички, а слично било и во други делови од државата.

„Последиците од загадениот воздух секој ден ги чувствуваме се повеќе. Секој ден болниците низ  Македонија се полнат со пациенти кои имаат респираторни заболувања, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека место да се справува со проблемот актуелната влада ги укинува и корисните мерки што ги воведе претходната. СДСМ според нив се  дрзнала да го укине  Денот на дрвото, како акција преку која  се засадиле над 36 милиони садници, со над 50 отсто успешност, што е висок процент за ваков тип садници.

„Наместо градоначалниците да ги спроведат мерките со кои се фалеа за време на локалните избори тие тргнаа со контрамерки. Градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев ги стартуваа мандатите со сечење на дрва низ градот, намалувајќи ја зелената површина“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.