ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од седум министри

ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од министрите за надворешни работи, евроинтеграции, внатрешни работи, финансии, економија, здравство и Труд и социјала поради неисполнување на реформи во својот сектор, односно ризикот Македонија да не добие датум за почеток на преговорите со Европската унија.

„Укажувавме дека реформи нема во клучните области, како владеење на правото, борба против организиран криминал и корупција, реформи во администрацијата, економски реформи како и реформи во клучните области како здравство, труд и социјала, образование и екологија. Тоа јасно беше посочено во извештајот на Европската Комисија за Македонија, кој иако беше позитивен, имаше јасна критика во делот на реформи. И пред објавување на извештајот, а и откако се објави извештајот, јасно укажувавме дека реформи нема, а дека причината поради која Македонија доби позитивен извештај се исклучиво политичките критериуми. Тие се доволни за Комисијата да препорача почеток на преговори, но се недоволни земјите членки да прифатат почеток на преговори затоа што бараат реални реформи, бараат граѓаните на Македонија да живеат според европските, а не според африкански стандарди и јасно кажаа дека неподготвени земји веќе нема да се примаат во Европската Унија“, вели потпретседателот Александар Николоски.

Според него, не треба да не чуди што влијателни земји како Франција, Холандија, Данска составуваат „нон пејпр“ во кој се спротивставуваат на давањето датум за почеток на преговори на Македонија во Јуни.

„Овие земји се пријатели, а не непријатели на Македонија. Тие само го констатираат она што Европската Комисија претходно го напиша, а владата не сакаше да го прочита, нешто за што и не ни треба извештај од Европската Унија за да го видиме. Граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат. Знаат добро граѓаните на Македонија дека реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне, криминал и рекет има на секој ќош, корупцијата цвета и има неформален брак помеѓу власта и нереформиораното судство каде власта на Заев ги пишува, а судот ги објавува политичките пресуди. Знаат граѓаните и за министрите кои работат од 10 до 2 и директорите од 12 до 2, а остатокот од времето го трошат или по кафеани или во подготовка на криминални зделки“, изјави Николоски.

Тој смета дека Заев може да ги распродава националните интереси колку сака, може да прифати и најсрамен и најпонижувачки договор во однос на спорот кој што го имаме со Грција, но тоа нема да му ја покрие неработата и корупцијата затоа што таа се гледа и Македонија нема да добие датум за почеток на преговори со Европската Унија.

„Заев може да ја нареди во судот па да добие ослободителна и сите да ги убедува дека тоа што го слушнале и виделе не е така, но неможе во истото да ги убеди Франција, Холандија и Данска како и другите земји членки на Европската Унија. Јас со месеци зборував дека постои договор помеѓу врвни функционери во Македонија и Албанија како би се закочил реформскиот процес во Македонија и двете земји би се ставиле во една група. Тоа и се случи“, заклучи Николоски.