ВМРО-ДПМНЕ: Анѓушев зел уште еден тендер

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека вицепремиерот Кочо Анѓушев преку неговите фирми добил уште еден државен тендер.
„Вицепремиерот Кочо Анѓушев нема намера да прекине да зема од парите на граѓаните преку неговите фирми. Попусто постојат закони за судир на интереси, џабе граѓаните се бунат. Кочо ’четири очи’, нема институција, а да не може да ја опслужи. Најновите информации што излегоа во медиумите покажуваат дека Кочо Анѓушев, преку својата компанија ’Брако’ ја снабдил со медицинска опрема во јануари оваа година психијатарската болница ’Негорци’ од Гевгелија. Договорот изнесувал 665.000 денари“, обвинуваат од „белиот дворец“.
Од таму прашуваат дали ова е уште еден случај на судир на интереси каде што секој еден функционер кој е сопственик на фирми, вклучително и Кочо Анѓушев, треба да се изземе од постапките за јавни набавки и тендери кон државата?
„Со ова директно се повредува антикорупционерскиот закон и законот за судир на интереси. На овој начин се цицаат парите на граѓаните преку институциите. Сега очекуваме дека Анѓушев ќе каже дека не знаел што работеле неговите партнери, па он немал увид во тоа, па на крај ќе се вади дека не може да им забрани да работат со нивните фирми, ама џабе е, веќе ги слушнавме овие приказни за мали деца. Најмалку што може во моментов Кочо Анѓушев да направи е да си даде оставка и сам да отиде во јавното обвинителство и да ги пријави сите свои случаеви каде што неговите фирми склучувале договори со државата откако е вицепремиер, бидејќи ова не е првпат. Во пет последователни вакви постапки, Кочо Анѓушев ја снабдува државата со нафта, со кревети, со софистицирана болничка опрема, ограда за автопати“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.