Влатко Стефановски: Оливер беше спој на музичка генијалност и медитеранска лежерност

Многу ме потресе веста за смртта на генијалниот музичар Оливер Драгојевиќ. Последнава година ги следев информациите за неговата болест, ама за жал, не успеа да ја победи, вели гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, кој по смртта на хрватската легенда, е баран за изјави и од хрватските медиуми.

-Нашата дружба започна во 1977-1978 година на турнејата на „Леб и сол“ во Хрватска. И тој имаше паралелна турнеја, што ни ги организираше Велибор Џаровски-Џаро. Подоцна уште неколкупати ни се вкрстуваа музичките патишта. Бевме пријатели. Исклучителен музичар, кој не знаеше фалш да отпее. Во гласот како да имаше појачала, како да имаше „Маршал“ во гласот. Одлично свиреше и оргуљи и клавир. Тој беше спој на музичка генијалност и медитеранска лежерност. Почивај во мир, Оливер! . (Л.С.)