Влада на РМ: Не се разговара за потенцијално име

Не се разговара за потенцијално име. Се гради довербата меѓу двете влади, нов момент на пријателство, рече денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски во врска со разговорите меѓу Скопје и Атина за решавање на прашањето за името. Одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Бошњаковски потенцира дека целта е прашањето да биде решено во интерес на сите. – Преговорите се водат под покровителство на Обединетите нации, со посредство на Метју Нимиц. Процесот е јавен и транспарентен. Се додека нема ништо конкретно и специфично нема да лицитираме со потенцијални имиња, истакна Бошњаковски.

Владата, како што посочи, отворено и јасно стои на ставот дека нема предрасуди да разговара за сите прашања и решенија кои ќе значат унапредување на односите меѓу Македонија и Грција и кои се во интерес на граѓаните. Овој одговор Бошњаковски го даде и на прашањето дали се разговара за евентуална промена на имињата скопскиот аеродром и на автопатот „Александар Велики“.

– Интензивно работиме на градење на мерки на доверба. Се што се случи изминатиов период е во таа насока. Владата на Македонија очекува сите идни одлуки да бидат синхронизирани и во согласност од двете страни, како и да ја зацртаат предвидената динамика на евроатлантските интегративни процеси на Македонија, рече Бошњаковски.