Влада на Косово: Не сме добиле никакво писмо од САД

Владата на Рамуш Харадинај ги демантира информациите кои се појавија денеска во медиумите дека Соединетите Американски Држави испратиле ултиматум со барање за укинување на таксата од 100 отсто на сиот увоз од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста дека косовските институции преку дипломатски канали примиле од Вашингтон порака во која се вели дека таксата мора да се укине, како и дека се изразува „разочарување што и покрај писмото на претседателот Доналд Трамп нема реакција од косовската страна“, ја објави телевизијата Клан Косова, а ја пренесоа и повеќе медиуми во Косово и Србија.

Меѓутоа, шефот на кабинетот на Харадинај и владин претставник во дијалогот со Србија, Авни Арифи изјави дека до Владата не е пристигнато никакво писмо од Вашингтон со таква содржина.

– Владата потврдува дека немаме добиено ништо официјално од САД, изјави Арифи за порталот „Газета Експрес“.

Приштинската телевизија објави дека поседува писмо кое Советот за национална безбедност на САД и Стејт департментот го испратиле до Владата и другите државни институции на Косово, а кое содржи ултимативно барање за укинување на таксата кон увозот од Србија.

Во осумте точки од писмото, според оваа телевизија, се вели дека Косово ќе сноси одговорност и ќе трпи последици доколку веднаш не ја повлече одлуката за таксата.

Наводно, Приштина веќе не ќе може да смета на американската поддршка за безбедносните сили, односно војската на Косово, а генерално се доведува во прашање и сојузништвото меѓу Косово и САД. Исто така, се вели дека Вашингтон ќе ја смета Приштина за одговорна за неуспехот на дијалогот со Белград и дека поради тоа Косово ќе трпи разни санкции од страна на САД.

Телевизијата Клан Косова, која ја пласира информацијата, е позната по својата наклонетост кон претседателот на Косово Хашим Тачи, кој деновиве за „Вашингтон Пост“ изјави дека Приштина може да ја преиспита одлуката за санкции кон Србија, „доколку добие јасни пораки дека е можно постигнување конечен договор за решавање на споровите меѓу двете земји“.