На Бачев не му е јасно што се потресува владата кога Албанци и Шиптари било исто

Владата ја осуди понеделничката изјава на лидерот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, кој во контекст на неговиот став за бојкот на референдумот, изјави дека „американскиот амбасадор Бејли и шиптарските партии во Македонија почнаа веќе отворено да кажуваат дека ќе има војна“. Од „Илинденска“ апелираат надлежните институции да истражат дали содржи говор на омраза и соодветно да реагираат. Владата повика сите политички субјекти во земјава да се изјаснат и да го осудат ваквиот недемократски чин.
,,СДСМ го осудува вчерашниот говор на омраза, ксенофобија и навреди јавно искажани Јанко Бачев. Очекуваме надлежните органи соодветно да постапат, да го санкционираат ваквото неодговорно однесување и бесрамно ширење говор на омраза“, се наведува во партиското соопштение од „Бихаќска“.
Од Основното јавно обвинителство ќе утврдуваат дали во изјавата има елементи на сторено кривично дело.
Во „Единствена Македонија“, пак, соопштуваат дека „пучистичката влада во Скопје дефинитивно не е македонска штом во реакцијата се потресла од зборот Шиптари“.
„А од друга страна е согласна кога албански политички лидери и историчари нѐ нарекуваат Северномакедонци, Славофони, Бајрамовци, Фиромани…“, одговара партијата на Бачев.
Се обидуваат да објаснат дека „шиптар е (албански: Shqip(ë)tar) е словенизиран облик на етнонимот со кој Албанците се нарекуваат самите себеси.
„Називот Шиптари (Shqiptarët) започнува да се употребува за време на Народно-ослободителната борба на Југославија како замена за претходните синоними. Воведувањето на зборот требало да послужи како исказ кој наведува на единството на албанскиот народ кој живеел во Југославија и Албанија. Значи, зборот е албански“, тврдат од „Единствена Македонија“.