„Вила Зора“: Кој нѐ труе со бела прашина во Велес?

Еколошкото друштво „Вила Зора“ бара мерки за запирање на енормното аерозагадување со бела прашина и смог кои секојдневно се испуштаат во двете велешки населби-Тунел и Превалец. Ангел Ќиров член на претседателството на ЕД „Вила Зора“ информираше дека подолго време до нив се јавуваат мноштво граѓани од овие две велешки населби, и се жалат на енормно аерозагадување со бела прашина и смог која им го нарушуваат здравјето.

„Емисијата на штетни честички во воздухот е неколку десетици пати над максимално дозволените концентрации, што е недозволиво. Регионалниот инспектор за животна средина неколку пати вршеше надзор, но состојбата не е подобрена. Затоа еколошкото друштво ‘Вила Зора’ сега и јавно бара информации од надлежниот Инспекторат за животна средина, дали стопанските субјекти кои работат во овој дел на градот се одговорни за загадувањето на амбиенталниот воздух. Бараме информација за тоа кој е изворот на чадот и белата прашина кои постојано го има во овие две велешки населби, во новиот дел од градот“, рече Ќиров.

Еколозите го прашаа Инспекторатот дали стопанските субјекти од овој дел на градот ги имаат сите потребни еколошки дозволи за работа. Тие побараа да бидат писмено известени за загадувачот, а со тоа и граѓаните на Велес да бидат информирани и заштитени од аерозагадување.

Граѓаните од овој дел на градот се сомневаат дека извор на аерозагадувањето се стопанските субјекти кои вадат камен во овој дел од градот.