Виландер: Ѓоковиќ нема шанси да го освои „Ролан Гарос“

Франција– Прославениот шведски тенисер, Матс Виландер рече дека е прерано за Новак Ѓоковиќ да триумфира на „Ролан Гарос“, со оглед на сите проблеми со повредата.

Ѓоковиќ ја пропушти втората половина од минатата сезона поради повреда на неговиот лакaт и се врати на Австралија Oпен. По завршувањето на првиот Грен слем се подложи и на мала интервенција, а пред турнирите на земја, во неговиот тим се вратија  Маријан Вајда и Гебхард Фил Грич.

На натпреварите на земја, посебно во Рим, Ѓоковиќ покажа подобра игра пред турнирот Париз. Во првиот круг, Србинот го победи Дутра Силва со чисти 3:0.

– Дали Новак има шанса да го освои Ролан Гарос? Не мислам така, се уште не. Кога ќе направите таков голем чекор назад, не е лесно да се вратите таму каде што сте биле. Се работи за мали работи кои треба да се подобруваат секој ден. Навивачите се прашуваат каде е Ѓоковиќ, дали уште сака да игра, во кака емоционална состојба е … можам да зборувам само од моето искуство, но кога сакате да  совладате ривал, треба да најдете нешто во врска со него, што не ви се допаѓа. Тоа е потребно за да избегнете пораз. Секој ден треба да го правите тоа, како Рафа, изјави Виландер.

Во вториот круг на турнирот во Париз, српскиот тенисер ќе игра против квалификантот, Жуаме Мунар од Шпанија.