„Виз ер“ отвара нова авионска линија од Охрид за Виена

Ниско-буџетната авиокомпанија „Виз ер“ од ноември ќе воспостави директна авионска линија од Охрид до Виена.

Од компанијата „ТАВ Македонија“ што управува со аеродромите во Скопје и во Охрид, појаснија дека „Виз ер“ на дестинација Охрид – Виена ќе оперира три пати седмично односно секој вторник, четврток и недела, по стартна цена на авио-билетите од 19,99 евра.

Сорина Рац, менаџер за корпоративни комуникации на „Виз ер“ по повод новата авионска линија за Виена изјави дека компанијата постојано работи на проширување на својата мрежа и кон обезбедување на многу поприфатливи можности за патување.

– Денеска ја најавуваме долгоочекуваната авиолинија до Виена од Охрид, која ќе почне да сообраќа на 15 ноември 2018 година и ќе биде одлична дестинација за одмор за нашите патници. Нашиот посветен тим со нетрпение очекува да им посака добредојде на новите и на постојните патници на која било од дестинациите што се достапни од Охрид, вели таа.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“ Алпер Ерсој изрази задоволство што Виена ќе биде 4-тата по ред авиолинија од Охрид што ќе сообраќа во текот на целата година, по Цирих, Базел и Лондон.

– Заедно со трите нови сезонски дестинации, најавени дека ќе се воведат во текот на претстојната летна сезона, сигурни сме дека ќе придонесе за значаен пораст на авиосообраќајот на охридскиот аеродром во текот на 2018 година, изјави тој.

„Виз ер“ оваа година за патниците од Македонија нуди вкупно 30 авиолинии во 14 држави, што се очекува да придонесе за зголемување на дојдовниот и појдовниот туризам, како и за унапредување на бизнис-врските меѓу државите.